Линкови за пристапност

Во Грција победи Нова демократија - 2004-03-08


Грчката конзервативна опозиција обезбеди голема победа на вчерашните парламентарни избори, со што заврши владеењето на социјалистите што траеше повеќе од деценија.

Поддржувачите излегуваа на улиците додека грчката конзервативна партија Нова Демократија извојува огромна победа на вчерашните парламентарни избори.

Според првичните резултати се проценува дека конзервативците добиле околу 45 отсто од гласовите, додека владејачката социјалистичка партија ПАСОК освоила околу 40 проценти од гласовите. Нова Демократија исто така се очекува да има големо мнозинство во парламентот од 300 пратеници.

Сега, кога заврши гласањето и жестоката кампања што траеше цел месец, Нова Демократија и нејзиниот лидер Костас Караманлис веднаш ќе почнат со работа.

Иако грчките гласачи очигледно синоќа беа расположени за прослава, 47-годишниот Караманлис и неговата нова влада утрово ги очекува голема задача да се справат со клучните проблеми, како обединувањето на Кипар и подготовките за Олимписките игри што треба да се одржат ова лето.

Помалку од половината објекти за Олимпијадата во Атина се завршени и се стравува дека смената на владата може уште повеќе да ги одложи подготовките кои веќе заостануваат зад роковите.

Во меѓувреме, господинот Караманлис, кој никогаш претходно не бил на власт, веднаш ќе биде втурнат во еден од најдолгите дипломатски конфликти во светот, несигурните преговори за обединување на Кипар со посредство на ОН.

Претставникот на ОН за островот, Алвара де Сото ги повика Грција и Турција да го забрзаат решавањето на проблемите со најновиот мировен план, а се стравува и дека господинот Караманлис можеби нема доволно искуство за да се справи со ваков компликуван спор.

Во меѓувреме, поразот е голема осуда на Пасок, кој беше обвинет за ароганција и непотизам по три последователни победи на изборите.

За лидерот на Пасок, Јоргос Папандреу, тоа исто така значи крај на обидот по угледот на неговиот татко и дедо да стане премиер на Грција.

XS
SM
MD
LG