Линкови за пристапност

Продолжува кампањата на претседателот Буш за реизбор - 2004-03-04


Претседателот Буш пред поддржувачите во Калифорнија рече дека ќе има национална кампања и нема да дозволи демократите да победат без борба во федералната држава со најголем број изборни гласови.

„Потпрестедателот и јас во Калифорнија ќе поминеме продуктивно време. Со ваша помош, Калифорнија ќе ја направиме дел од националната победа во ноември годинава“, истакнува Буш.

Традиционално, во Калифорнија победуваат демократите, но по овогодишниот избор на републиканскиот гувернер Арнолд Шварценегер, г-динот Буш вели дека гласачите на Калифорнија покажале оти ниту една партија не може да биде сигурна во изборот во оваа држава.

Во услови кога г-динот Кери се смета за претседателски кандидат на демократите, претседателот Буш во вторникот вечер му се јавил на сенаторот од Масечусетс за да му честита за победата на предизборите и за почеток на општите избори.

„Му кажав дека очекувам жестока кампања. Му честитав на неговата победа. Ова треба да биде интересна кампања по повеќе прашања. Тој помина две децении во Конгресот. Има исклучително искуство. Всушност, сенаторот Кери е во Вашингтон доволно долго за да ги знае двете страни на секое прашање“, вели претседателот.

Тој истакнува дека гласачите во ноември ќе имаат јасен избор - да се задржи неговата политика на рекордно намалување на даноци, која според него помага за зајакнување на американската економија, или, како што вели, товарот од високи даноци да падне повторно врз американскиот народ.

Покрај економијата, подеднакво значајно прашање во кампањата за претседателските избори ќе биде и борбата против тероризмот. Тој вели дека по терористичките напади на 11 септември 2001 година, тој ја направил државата побезбедна.

„Тоа е избор меѓу Америка која го предводи светот цврсто и сигурно, или Америка која е несигурна и соочена со опасност“, истакнува господинот Буш.

Претседателот вели дека слушнал многу од она што го нарече партиска лутина од демократските противници, а за лутината, според него, нема место во иднината на Америка.

Г-динот Буш истакна дека е оптимист во однос на победата во борбата против тероризмот и отворањето нови работни места во Америка. Тој додаде дека кампањата нема да остави сомнежи за неговата позиција. На поддржувачите тој им порача дека ќе биде реизбран.

Оваа доверба се одразува и во првата телевизиска маркетинг- порака за кампањата на Буш и Чејни која од денеска започнува да се емитува во десетина федерални држави.

Во една од нив се истакнуваат предизвиците со кои г-динот Буш се соочувал од преземањето на функцијата-од слабеењето на економијата до терористичките напади.

Во една од рекламните пораки, г-динот Буш вели дека точно знае во кој правец сака да ја води земјата. Првото медиумско претставување ќе ја чини кампањата 4 милиони долари. Но на сметката и натаму има над 100 милиони долари за трошење, пред одржувањето на конвенцијата на Републиканската партија во август.

XS
SM
MD
LG