Линкови за пристапност

Сенаторот Џон Кери по победата во серија предизбори практично ја осигура претседателската номинација на Демократската партија  - 2004-03-03


Од Њујорк до Калифорнија, од Охајо до Џорџија, сенаторот Кери доминираше на таканаречениот супер-вторник за предизбори на Демократската партија.

Сенаторот од Северна Каролина Џон Едвардс не можеше да обезбеди ниту една победа, освен тесниот резултат во Џорџија. Американските медиуми известуваат дека сенаторот Едвардс решил да се повлече од претседателската трка и денеска тоа формално ќе го соопшти во неговата федерална држава.

Со очекуваното повлекување на сенаторот Едвардс, сенаторот Кери најверојатно ќе биде номиниран за претседателски кандидат на Демократската партија, кој на изборите во ноември ќе му се спротивстави на претседателот Буш.

Сенаторот Кери им се обрати на радосните поддржувачи на победничкиот собир во Вашингтон.

„Јас сум борец веќе 30 години и сум бил на борбените линии, на фронтовите на борбата за чесност и за одржување на американските вредности. Во 2004-та, ветувам дека ќе ја кажуваме вистината за она што се случува во нашата земја и ќе се бориме да ја вратиме иднината на Америка и нејзината надеж“, вели Кери.

Сенаторот Едвардс не го потврди јавно неговото повлекување додека им се обраќаше на поддржувачите во Атланта. Но тој им се заблагодари на Демократите кои го поддржуваа во изминатите шест недели.

„Нашата кампања никогаш не беше политика на цинизам. Тоа беше политика на надеж. Беше политика за она што е возможно. И горд сум заради фактот дека вие и јас заедно ги вративме овие прашања во американската изборна дебата, еднаквоста, граѓанските права, сиромаштијата – сите проблеми за кои Американците многу се загрижени. Повторно ја допревме нивната душа. Тие ги чувствуваат овие проблеми. Бевме малата локомотива од приказните што веруваше дека може да го стори тоа, и горд сум на она што заедно го направивме“, истакна господинот Едвардс.

Како мало изненадување, поранешниот гувернер на Вермонт, Хауард Дин во неговата федерална држава го победи сенаторот Кери. Но оваа победа е само симболична затоа што пред две недели господинот Дин ја заврши неговата претседателска кампања по серијата порази.

Претседателот Буш му се јавил по телефон на сенаторот Кери за да му честита на импресивните резултати од супер-вторникот. Претседателот му кажал на сенаторот Кери дека со нетрпение го очекува натпреварот на изборите во ноември. Сенаторот Кери кажа дека имал „мошне убав разговор“ со претседателот.

XS
SM
MD
LG