Линкови за пристапност

Претседателските кандидати се борат за гласовите на имигрантите - 2004-03-02


Калифорнија со 35 милини жители е најнаселена федерална држава во САД. Една третина од популацијата е имигрантско население со латино-американско потекло, а 10 проценти отпаѓаат на доселениците од Азија. Во комбинација со другите малцинства овие групи формираат мнозинство.

Една четвртина од населението во Калифорнија е прва генерација на имигранти, од кои многумина подоцна стануваат американски државјани. Во процесот за добивање на државјанство спаѓа и интервјуто, при што имигрантите одговараат на прашања во врска со американската Влада и историја, а потоа учествуваат на церемонијата за добивање на државјанството.

“Ќе ги поддржувам и бранам Уставот и законите во Соединетите Американски Држави, против сите непријатели, домашни и странски...“

Мона Бутрос од Египет неодамна станала американски државјанин, а во САД престојува веќе седум години.

Госпоѓа Бутрос побарала формулар за гласање, но вели дека се уште не одлучила која партија или кандидат ќе го поддржи.

“Се приближувам кон одлуката, само ги анализирам сите прашања за кои се дебатира и не сакам да донесам одлука се додека не сум целосно убедена дека ова е тоа за што сакам да гласам“, вели госпоѓа Бутрос.

Во меѓувреме, членовите на политичките партии се ангажираат за регрутирање на нови гласачи.

“Добредојдовте во Републиканската партија“.

Американец со кинеско потекло кој зборува на англиски и на мандариски јазик, ги повикува луѓето да се зачленат во Републиканската партија. Доброволците во овој процес објаснуваат дека Републиканците веруваат во одржување на ниско ниво на даноците и во Влада која ќе биде малубројна и ефикасна.

Некои гласачи можат да се зачленат во одредена партија или да се прогласат за независни гласачи. Без оглед што ќе изберат, тие можат слободно да гласаат за кој и да е кандидат или партија на општите избори.

Некои, како Мона Бутрос и натаму ги разгледуваат прашањата како економијата, даноците, тероризмот, додека Менуел Иригојен од Мексико вели дека веќе одлучил. Тој објаснува зошто ќе стане член на Демократската партија.

“Бидејќи сакам да гласам против Буш. Нема повеќе војни“, вели господин Иргојен.

Локалниот бизнисмен Џон Лоренс во својата компанија има над 200 вработени. Тој вели дека политичарите понекогаш доаѓале во неговиот погон каде добиваат многу коментари од работниците.

“Тие доаѓаат. Знаете, ние сме гласноговорници и сакам политичарите да направат нешто околу имиграцијата“, вели господин Лоренс.

Речиси сите вработени во компанијата на господинот Лоренс се Латино-Америкаци. Тој се залага имигрантите кои престојуваат нелегално во земјата, да можат да аплицираат за државјанство. Тој вели дека привремената програма за имигрантските работници што ја предлага претседателот Буш, не ги задоволува целосно нивните барања. Според него, ниту Демократите не посветуваат доволно внимание на овој проблем.

Антонио Виларагоса е член на Демократскиот совет во Лос Анѓелес и поранешен спикер на собранието во Калифорнија. Тој вели дека грижите на имигрантите ја поставуваат агендата во градовите како Лос Анѓелес. Според него, обете партии постапуваат мудро кога целат на потенцијалните етнички гласачи, особено на Латино-Американците.

Државниот секретар на Калифорнија Кевин Шели вели дека учеството на гласачите за време на избори е во опаѓање. Околу половина од населението на САД кое може да гласа, вообичаено не излегува на гласање за време на претседателските избори.

“Мислам дека тоа е предизвик, не само за мене како раководител на Канцеларијата за избори на Калифорнија, туку и за сите државни секретари низ земјата, за да ги удвоиме нашите напори со цел луѓето да се заинтересираат за овој процес, без оглед дали тоа значи подобрување на технологијата или давање причини за да се привлечат луѓето на гласање.Ова е од особена важност“, вели господин Шели.

И Демократската и Републиканската партија се обидуваат да ја пласираат оваа порака до јавноста.

XS
SM
MD
LG