Линкови за пристапност

најнови вести за 1 март 2004 - 2004-03-01


Хаити

Американски и француски трупи веќе се во Хаити за да помогнат во враќање на редот и мирот откако претседателот Жан-Бертранд Аристид замина во егзил во Африка.

Американскиот државен секретар Колин Пауел изјави дека денеска се очекува во Хаити да пристигнат дополнителен број американски трупи. Тој кажа дека околу 1.000 американски војници ќе бидат распоредени во оваа земја како дел од мултинационалните сили. Во меѓувреме, бунтовниците влегоа во главнито град Порт-о-Принс каде беа поздравени од стотици поддржувачи. Поранешниот лидер на Хаити денеска пристигна во Централаната Африканска Република и во неговата прва изјава откако ја напушти функцијата претседател, г-динот Аристид за државното радио кажа дека со неговото симнување од власт, цитираме, се пресече дрвото на мирот кое повторно ќе порасне.

Ирак

Ирачкиот владеачки совет се согласи на привремен Устав по долга дебата за улогата на исламот во владата и за други контоверзни прашања.

25-члениот совет согласноста ја постигна денеска по денови на честопати жестоки расправи на кои присустуваше и високиот американски претставник во Ирак, Пол Бремер. Уставот ги поставува основните закони за привремената влада која до 30-ти јуни се очекува да ја преземе контролата на земјата од коалицијата под американско водство. Привремениот Устав содржи и повелба за правата и ја признава улогата на исламот во правото на Ирак. Официјални лица велат дека документот бил резултат на многу компромиси, но повеќето членови на владеачкиот совет за новинарите изјавиле дека се задоволни.

Нов премиер на руската влада

Рускиот претседател Владимир Путин именуваше нов премиер.

Се работи за Михаил Фрадков, кој е актуелен руски претставник во ЕУ. Политичките аналитичари во Москва велат дека изборот на релативно непознатиот Фрадков бил комплетно неочекуван. Долниот дом на рускиот парламент во петок се очекува да ја разгледа номинацијата. Одлуката за избор на нов премиер на Русија доаѓа откако г-динот Путин пред помалку од една недела неочекувано го разреши долгогодишниот премиер Михаил Касјанов, на помалку од две недели пред одржувањето на претседателските избори во земјата.

Разговори за Кипар

Лидерот на кипарските Турци, Рауф Денкташ кажа дека преговарачите на кипарските Грци ги отфрлиле предлозите од негова страна за решавање на поделбата на островот.

Господинот Денкташ ова го изјави денеска по последната рунда преговори со посредство на ОН, што се одржаа во Никозија. Тој рече дека претседателот на Кипар, Тасос Пападопулос, му кажал дека сите предлози на кипарските Турци се надвор од параметрите на нацрт планот на ОН за Кипар. Според овие предлози на островот би останале околу 30 илјади турски војници, а би се ограничила миграцијата на кипарските Грци на територијата на кипарските Турци. Господинот Денкташ рече дека кипарските Грци поднеле амандмани.

Американска политика

Кандидатите за претседателска номинација од редовите на Демократската партија и денеска имаат интензивни кампањи, пред клучните предизбори во во САД, познати како „супер вторник“.

10 федерални држави, вклучувајќи ги Калифорнија и Њујорк, утре ќе одржат предизбори и партиски избори. Сенаторот Кери денеска води кампања во Мериленд, Охајо и Џорџија. Неговиот главен противник, сенаторот од Северна Каролина, Џон Едвардс, се појавува во Охајо и Џорџија. Фаворитот Џон Кери кој веќе води по бројот на делегатите, можно е да ја осигура номинацијата од Демократите, доколку победи и во 10-те држави. Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека сенаторот Кери води во сите 10 држави.

XS
SM
MD
LG