Линкови за пристапност

Супер - вторник  за претседателските кандидати - 2004-03-01


Сенаторот од Масачусетс Џон Кери засега јасно води во трката за номинација на Демократската партија, за избор на кандидат кој во ноември треба да му се спротивстави на претседателот Буш на директни избори. Тој ги доби сите освен еден од предизборите и до сега освои 744 од 2.062 делегати колку што се потребни за партиска номинација.

Во Њујорк, од каде ќе бидат испратени 236 делегати на партиската конвенција за номинација во јули, сенаторот Кери кажа дека доколку гласачите го изберат него, со тоа ќе обезбедат Џорџ Буш да не добие втор мандат за претседател:

„Ние сме тука денеска да го одбележиме почетокот на крајот на претседателствувањето на Буш. За тоа се работи. Затоа ми треба вашата помош во Њујорк“.

Но, сенаторот Џон Едвардс од Северна Каролина сугерира дека трката не е завршена. Тој вели дека има подобри шанси да го победи претседателот Буш во ноември. Господинот Едвардс, кој го служи својот прв мандат во американскиот Сенат, вели дека неговата кампања е кампања на човек кој практично не е од вашингтонските официјални кругови. Како син на работник во текстилна фабрика, господинот Џон Едвардс најголем дел од својата кампања ја фокусираше на изгубените работни места заради нивно префрлање во странство преку склучување на американски трговски договори што довеле до таква ситуација. Тој во Њујорк се сретна со текстилните работници.

„Постои загриженост дека имате претседател за кого невработеноста е само бројка на парче хартија. Ако сте само статистички податок, никогаш нема да имате влијание какво што е кога ситуацијата се сфаќа лично. Јас тоа го сфаќам лично“, кажа господинот Едвардс. Неговите поддржувачи велат дека тој може да добие на југ на земјата во ноември и да привлече клучни демографски групи, умерени гласачи и независни, во најважните федерални држави кои често ја менуваат страната и на кои ниту една партија не може да смета со сигурност.

Фред Сигел, урбан аналитичар на Универзитетот на Купер Јунион, вака ја оценува важноста од гласањето во Њујорк за господинот Едвардс:

„Неговата стратегија во Њујорк е да се фокусира на горниот дел на државата што беше економски опустошен со промените последните дваесет години. Тој дел изгуби голем број жители, а компаниите кои некогаш беа доминантни, како Рочестер, или Кодак, нагло ги намалуваат работните места. Во долината Хадсон, Ај-Би-Ем исто така ги намали работните места, така што тоа претставува плодна почва за Едвардс“.

Тоа што не и оди во прилог на стратегијата на господинот Едвардс е фактот што најголем дел од гласачите на државата Њујорк живеат во и околу Њујорк, што е центар на силата на господинот Кери.

За да остане трката, вели аналитичарот Фред Сигел, сенаторот Едвардс мора да добие најмалку 40 проценти од гласовите во Њујорк и да ја добие државата од средниот запад, Охајо, каде, според проценките, ќе се одвива една од најжестоките битки на директните избори во ноември. Во изборите во 2000-та претседателот Буш во Охајо доби теско мнозинство, а во меѓувреме таму беше загубен голем број на работни места од директното производство.

XS
SM
MD
LG