Како што се предвидуваше, тоа беше ноќ на Питер Џексон. Овој режисер од Нов Зеланд доби Оскари за најдобра фотографија, визуелни ефекти, шминка, оригиналност и адаптација, меѓу другите категории.
"Враќањето на кралот" е последното продолжение на триделната филмска адаптација на фантастичната белетристика, "Господарот на прстените", напишана од Џеј Толкин.
Зад сцената, режисерот кажа дека е многу изненаден: „Во апсолутна неверица сум, зашто чувствував дека нешто ќе добијам, но вакво собирање на наградите, што се случи со Господарот на прстените вечерва, е далеку над очекувањата и очигледно зборува за една работа – дека луѓето уживале во филмовите што ги направивме“.
Чарлиз Терон ја доби наградата за најдобра женска улога за ликот на сериски убиец во филмот "Чудовиште." Четирипати номинираниот Шон Пен го доби својот прв Оскар за најдобра машка улога за остварувањето во филмот „Мистична река“, каде тој игра измачен татко на убиено девојче. Оскарите за најдобра споредна машка и женска улога им беа доделени на Тим Робинс за истиот филм, и на Рене Зелвигер, за драмата од американската граѓанска војна - "Студена планина."
Зелвигер игра преживеан симпатизер на конфедерацијата и вели дека ги сака улогите кои ја поттикнуваат нејзината актерска способност:
„Тоа е она што најмногу ме интересира. Колку повеќе можете да се преобразите, толку подалеку е ликот од вашето лично искуство и толку поголем е успехот, во креативна смисла“.
Софија Копола, ќерка на режисерот Френсис Форд Копола, заработи Оскар за оригинално сценарио за филмот "Изгубено во превод", приказна на двајца осамени патници во Токио. Таа беше и режисер на филмот.
Триесет и двегодишната режисерка раскажува како се чувствувала примајќи ја наградата во присуство на нејзиното семејство:
„Бев многу среќна што во публиката можев да ги видам моите родители, братучед ми Николас, брат ми Роман, голем дел од моето семејство и луѓе со кои работев на филмот. Тоа е голема чест. Никогаш не мислев дека ќе се случи татко ми да гледа како јас добивам една од наградите. Прекрасно е“.
"Маглата на војната," што е профил на Роберт МекНамара, американскиот секретар за одбрана за време на најголемиот дел од војната во Виетнам, беше именуван за најдобар долгометражен документарец.
Француско-канадскиот филм "Варварски инвазии" беше именуван за најдобар филм на странски јазик. Тоа е приказна за човек на умирање кој конечно го наоѓа својот син.
Оскарите ги доделува Академијата за филмска уметност и наука, што е составена од водечки актери и филмаџии на Холивуд. Пред "Господарот на прстените: Враќањето на кралот", само два филма во историјата успеаја да освојат 11 Оскари: "Бен-Хур" во 1960-та и "Титаник" во 1998-ма.