Линкови за пристапност

Робертсон: „Македонија загуби херој, а јас загубив пријател“  - 2004-02-27


„Македонија загуби херој, а јас загубив пријател“. Ова е реакцијата на поранешниот Генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон кој го испраќа своето сочуство на сите граѓани на Македонија и до семејствата на загинатите. „Откако ја слушнав веста за трагедијата, моите мисли се во Македонија и тешко ми е што си заминува таков голем човек. Треба да бидете среќни што имавте таков претседател кој спречи крвопролевање во Македонија. Би сакал да потсетам дека тој тоа го стори со помош на граѓаните на земјата кои во 2001-ва година застнаа зад него“, вели Робертсон, кој во текот на кризата и по неа, тесно соработуваше со претседателот Борис Трајковски.

Македонскиот претседател беше радовиден гостин во седиштето на НАТО во Брисел каде денеска сите состаноци, на сите нивоа, започнуваа со минута молчење во чест на претседателот Трајковски.

„Се надевам дека лекциите од минатото во Македонија се научени и дека политичарите на кои останува земјата, ќе знаат да ги следат неговите стапки и да работат на национално помирување. Тоа што тој го стори е добро за политиката и неговото наследство треба да се памети“, со емоции додава поранешниот шеф на Алијансата кој премина да работи во приватна компанија во Лондон.

Марк Лејти кој работеше како советник во кабинетот на претседателот од мај до септември 2001-ва година, а сега е политички советник во Генералштабот на Алијансата, смета дека Борис Трајковски беше најважната фигура во спречувањето на граѓанската војна во земјата. „Во време на криза“, вели господинот Лејти, „Трајковски имаше храброст да го каже тоа што треба и да го стори тоа што го кажал“. „Многу политичари во Македонија се залагаа за „хард-лајн“ политика и воен одговор, иако знаеа дека тоа нема да успее, од страв да се соочат со народот, не сакаа да ја кажат таа вистина. Борис Трајковски зазеде неполуларни ставови за доброт на Македонија и многумина вината ја фрлаа врз него, тоа беше најлесно. Она што во 2001-ва година беше контроверзно, сега е дел од политиката. Мислам дека за Македонија опасност повеќе нема и тоа е заслуга на Борис Трајковски“.

XS
SM
MD
LG