Линкови за пристапност

Филип Рикер:Сите жалиме за загубата на претседателот Трајковски - 2004-02-26


„Претседателот Трајковски беше храбар човек кој се залагаше за мир и слобода. Како и цела Македонија, и ние сите жалиме за оваа загуба“, изјави Филип Рикер, портпарол на американскиот Стејт департмент, во телефонското интервју за нашата редакција.

Глас на Америка: Господине Рикер, државниот секретар Колин Пауел денеска за господинот Трајковски кажа дека е голем пријател на САД, како и тоа дека имал тесна соработка со господинот Трајковски во обезбедувањето на македонската стабилност. Како вие лично се сеќавате на претседателот Трајковски, знаејќи ја вашата блиска соработка со него?

Рикер: Многу добро се сеќавам на господинот Трајковски од времето додека работев во Македонија и додека тој беше заменик-министер за надворешни особено во тешки услови за време на бегалската криза од војната на Косово и секако многупати сум се сретнал додека беше на функцијата претседател кога дојде и се сретна со нашиот претседател и секако со неговиот добар пријател, секретарот Пауел.

Глас на Америка: Многу западни земји господинот Трајковски го сметаа за умерен лидер на Македонија и лидер кој беше потребен за време на конфликтот. Според вас, која беше најголемата доблест на претседателот Трајковски?

Рикер: Мислам дека тој покажа огромна храброст, тој беше, како што вели секретарот Пауел, истакнат лидер, тој беше храбар човек кој се залагаше за мир и слобода. Како и цела Македонија, и ние сите жалиме за оваа загуба.

Глас на Америка: И покрај оваа огромна загуба, дали сте оптимист кога станува збор за иднината на Македонија?

Рикер: Отсекогаш сум бил оптимист за Македонија. Мислам дека тоа е извонредна, мала земја во проблематичен дел на светот, а македонскиот народ, соработувајќи, направил многу во својата кратка историја и мислам дека има уште многу заедничка работа. САД се разбира и натаму ќе бидат најголемиот пријател на Македонија. Сите жалиме за загубата на претседателот Трајковски кој мислам дека беше добар претседател, добра личност и добар човек.

XS
SM
MD
LG