Линкови за пристапност

Црвенковски: Македонија денеска претрпе огромна загуба - 2004-02-26


По објавувањето на веста за трагичниот настан во кој животот го загуби претседателот Борис Трајковски како и членовите на неговата делегација и екипажот на авионот кој се урна во Босна и Херцеговина, премиерот Бранко Црвенковски ја прекина посетата на Даблин каде денеска до Советот на министрите требаше да ја достави апликацијата за членство на Македонија во ЕУ и се врати во Скопје за да ја одржи вонредната седница на владиниот Кабинет. Пред почетокот на оваа седница, премиерот Црвенковски изјави:

„Почитувани присутни почитувани граѓани, денеска Република Макеоднија претрпе огромна загуба. Се урна авионот во кој патуваше претседателот на државата Борис Трајковски заедно со уште осум членови на делегацијата и екипажот. До овој момент официјална потврда од институциите на Босна и Херцеговина за преживеани нема и од нивна страна се оценува дека шансите за таков епилог се минимални. Во овие тешки моменти јас, Владата и граѓаните на Македонија сме заедно со семејствата на претседателот и останатите настрадани и ја споделуваме нивната огромна болка. Го изразувам нашето длабоко жалење и искрено сочувство. Почитувани граѓани, ова се моменти кога е неопходно единство на нацијата. Очите на целиот свет се свртени кон нас. Убеден сум дека уште еднаш и при вакви трагични околности ќе го потврдиме нашиот државотворен капацитет, нашата демократска зрелост и висока општествена свест. Институциите на државата ќе продолжат да функционираат нормално и одговорно во согласност со Уставот и законите. Вечерва, Владата на Република Македонија ќе одржи вонредна седница на која ќе се донесат сите одлуки и ќе се преземат сите неопходни мерки во вакви околности. Веднаш потоа, ќе се одржи и Советот за безбедност на која ќе се разгледаат вкупните состојби при оваа новонастаната ситуација. Во текот на утрешниот ден ќе организирам средби со лидерите на политичките партии од кои очекувам со одговорно и соодветно на ситуацијата однесување да дадат сопствен придонес во надминувањето на оваа ситуација“.

Доцна вечерва се очекува да бидат објавени заклучоците од заседанието на Советот за безбедност, а не е исклучено вечерва да биде одржана и вонредна седница на Собранието на Македонија.

XS
SM
MD
LG