Босанскиот претседател Драган Човиќ на конференцијата во Мостар кажа дека Трајковски “е незаменлив“. “Денеска изгубивме пријател, нашите мисли се со семејствата на загинатите“, кажа Човиќ пред околу 2.000 учесници на Меѓународната конференција за инвестирање во БиХ во Мостар што започна со минута молчење.
Во Брисел, генералниот секретар на НАТО, Јап Де Хоп Скефер изјави дека „претседателот Трајковски покажал одлично лидерство за да се зачува единството на неговата земја кога се наоѓаше во опасност“.
Веста за смртта на 47-годишниот претседател на Макеоднија жално одекна и во седиштето на Европската комисија во Брисел.
Претседавачот на Европската комисија, Романо Проди, кажа дека “ова е многу тажен ден за Македонија која изгуби мудар и умерен лидер. Многу тажен ден за Балканот за чија интеграција тој вложи многу напори. И многу тажен ден за Европа, која изгуби пријател и поддржувач на вредноста на толеранцијата , на што се заснова нашата Унија“, изјави Проди.
Високиот комесар за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Хавиер Солана, го нарече Трајковски “човек со страст“ и кажа дека “ова е многу трагичен ден за Макеоднија, за целиот народ, но исто така и за многумина во Европа.
“Претседателот Трајковски беше голем човек, човек со страст, човек кој ја понесе својата земја во напредок, не само кон реформите, туку и ја приближи кон Европа“, се вели во изјавата на Солана. Тој додава дека му бил пријател на Трајковски и дека бил со него во најтешките моменти. “Ќе биде многу тешко македонскиот народ да ја пополни оваа празнина“, рече Солана.
До македонската Влада сочуство испратија, британскиот премиер Тони Блер, финскиот претседател Тајра Халонен и други европски лидери. Главниот администратор на Косово, Хари Холкери изрази длабок шок и жалење.
“Смртта на Трајковски е удар за целиот регион, не само за Македонија“, кажа хрватскиот претседател Стипе Месиќ. Министерот за надворешни работи на Србија и Црна Гора, Горан Свилановиќ рече дека претседателот Трајковски многу придонел за стабилноста на целиот Балкан.