Линкови за пристапност

Извадоци од интервјуто на претседателот Трајковски за Гласот на Америка на македонски јазик - 2004-02-26


„Патот на Македонија до Брисел оди преку Охрид“. Вака македонскиот претседател Борис Трајковски ги опиша приоритетите на македонската политика- членството во ЕУ и спроведувањето на Рамковниот договор, во интервјуто за нашата редакција направено во ноември минатата година. Во продолжение ви пренесуваме извадоци од разговорот со шефот на македонската држава на нашиот соработник од Скопје Борјан Јовановски.

Трајковски: Станува збор за стратешки проект, чија кауза е со национално и натпартиско значење. Второ, неспорно, има потенцијал да ги обедини во себе интересите на сите релевантни политички субјекти по социјална и етничка линија , но, уште повеќе, да обезбеди консензус по ова прашање кај сите граѓани на Република Македонија. Во спротивно, недостатокот од доволно видлива европска перспектива може да ги обесхрабри или пасивизира реформските сили во земјата, да го намали ентузијазмот на граѓаните кои во моментов над 90 отсто го поддржуваат членството на Република Македонија во ЕУ, а тоа пак директно ќе го загрози досега направеното од наша страна во процесот на демократска трансформација на Република Македонија, како и инвестициите на меѓународната заедница кои кај нас и во регионот во изминатава деценија не се за потценување, а исто така, многу е важно дека ќе не стави во политичка категорија, во група на земји кои се кандиати. Сметам дека ова ќе ги мобилизира и странските инвеститори да размислуваат повеќе за инвестиции во Република Македонија. Со поднесување на кандидатура се подига и чувството на сигурност да се верува во европските перспективи и, се разбира, не става во една политички поинаква категорија, во група на кандидати - земји, а не како досега, во потенцијални кандидати. Конечно, ако пораките кои доаѓаат од Унијата велат дека патот до Брисел поминува преку Охрид, тоа е сериозна политичка причина повеќе за Република Македонија да добие поинаква статусна позиција во однос на евроинтеграциите, и Европската унија како копотписник на Охридскиот договор да се вклучи подиректно во поддршка на напорите за негова имплементација.

Во однос на имплементацијата на Рамковниот договор, претседателот Трајковски беше оптимист дека во 2005 година ќе бидат исполнети најголем дел од обврските.

Трајковски: Ако се земе генерално, периодот од ноември 2000-ва година, од уставните промени, па се до денес, може да се извлече една констатација дека имплементацијата на Рамковниот договор се одвива релативно добро и тука нема простор за посериозни критики. Таа оценка не е само наша, туку е искажана и од релевантни меѓународни институции, како што е на пример Европската комисија. Сигурно дека одредени обврски од Договорот можеа да бидат имплементирани и порано, меѓутоа факт е дека не станува збор за драматично заостанување или за недостаток на политичка воља кај политичките фактори за неговото имплементирање. Следниот голем предизвик за нас од Рамковниот договор ќе биде пакетот на децентрализација на власта, каде системот нема претрпено суштински измени со години. Според најавите на Владата, нормативниот пакет ќе биде усвоен или треба да биде усвоен во следните два месеца, а конкретниот или практичниот трансфер на надлежностите од централно на локално ниво, треба да заврши до крајот на 2004 година, што всушност е и подготовка за локалните избири во 2004-та година. Во истиот тој временски период ќе продолжи и процесот на натамошно интегрирање на етничките заедници во јавната администрација. Доколку се оди така како што е планирано, во 2005 година може да се очекува практично да се заокружи најголемиот дел од обврските од Рамковниот договор.

XS
SM
MD
LG