Линкови за пристапност

По повод загинувањето на претседателот Трајковски, утре во Босна и Херцеговина е прогласен Ден на жалост - 2004-02-26


Меѓународната конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, утрово во Мостар почна во сенка на трагичната вест дека недалеку од Столац во авионска несреќа загина претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски и членовите на неговата делегација. Оваа вест се прошири меѓу новинарите уште пред почетокот на конференцијата пред 10 часот, а набрзо потоа претседавачот на претседателството на Босна и Херцеговина, Драган Човиќ соопшти дека иако се уште нема официјална потврда, дека авионот на македонскиот претседател се урнал. Новинарите имаа информации дека несреќата се случила во близина на селото Врсник во општината Берковиќи, во Република Српска. Според расположивите информации, кои инаку се менуваат секој момент, никој не преживеал во несреќата, а на теренот се наоѓаат припадници на СФОР, на државната гранична служба и итна помош. Претседавачот на претседателството на Босна и Херцеговина, Драган Човиќ, на прес –конференцијата околу 12 часот и 30 минути, го потврди паѓањето на авионот на макеоднскиот претседател и дека остатоците од авионот се наоѓаат во тешко пристапен планински предел, како и дека на местото на несреќата пристап имаат само меѓународните сили и полицијата. Причината на несреќата се уште не се знае. Додека ова го јавувам, хеликоптери на СФОР и полициски патроли ги пребаруваат разни локации на планининскиот предел околу Столац, кој е обвиткан со магла и со лошо време, а каде што уште има мини заостанати од војната. “Изгубивме еден драг пријател. Сакаме да изразиме сочуство на семејството на претседателот Трајковски, и на семејствата на сите загинати, на Македонската Влада, на македонскиот народ и сите граѓани на нашиот пријателски народ. Вечерва во Мостар се откажани сите клутурни настани, а утрешниот ден е прогласен за Ден на жалост во цела Босна и Херцеговина. Високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Педи Ешдаун, исто така на прес конференцијата кажа дека неговите мисли и молитви се со семејствата на настраданите.

XS
SM
MD
LG