Линкови за пристапност

Најнови вести, 25 февруари 2004 - 2004-02-25


Преговори за Северна Кореја

Главните американски и севернокорејски преговарачи денеска во Пекинг се сретнаа зад затворени врати, откако презентираа многу различни ставови на почетокот на шестпартитните преговори за нуклеарните амбиции на Пјонгјанг. Овој состанок е прв на највисоко огицијално ниво меѓу САД и Северна Кореја по 16 месеци. Тој уследи откако делегатите на двете Кореи, Кина, Јпонија, Русија и САД ги изложија своите позиции во разговорите. Шефот на делегацијата од Вашингтон, помошникот државен секретар Џејмс Кели го повтори барањето Северна Кореја еднаш за секогаш да ја запре програмата за нуклеарно оружје. По ова уследи барањето на Северна Кореја дека мора да прими економска компензација во замена за замрзнување на нуклеарната програма.

Ирак-урнат хеликоптер

Набљудувачки хеликоптер на американската армија се урнал во западен Ирак, при што загинале две лица. Американската воена команда во Багдад соопшти дека можно механички дефект да бил причина за уривањето на хеликоптерот на околу 200 километри од главниот град. Несреќата се случила додека два хеликоптера летале во близина на реката Еуфрат кај градот Хадита. Властите велат дека другиот хеликоптер не пријавил никаков непријателски оган. Во меѓувреме, во северен Ирак, вооружени лица го убиле заменикот шеф на полицијата во Мосул. Властите велат дека непознати напаѓачи пукале од автомобил во бригадирот Хикмат Мохамед додека тој одел на работа.

Израел - Палестинци

Израелските сили денеска извршиле упади во четири палестински банки, во потрага по пари што им се префрлаат на милитантните групи. Војниците ги запечатиле банките во сопственост на Арапи во градот Рамалах на Западниот брег, а сведоци изјавија дека влегле со двајца компјутерски експерти од банката кои претходно биле уапсени. Војниците им дозволиле на клиентите да заминат, но вработените биле притворени. Израелските трупи исто така упаднале во канцеларијата на исламска хуманитарна организација во градот Тулкарем. Израел вели дека овие акции имале за цел да се замрзнат сметките на кои имало пари за Хамас, Исламски Џихад и Хезболах, како и сметки на милитанти.

Рамсфелд во Казахстан

Американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд вети помош за обезбедување на делот на Казахстан во Каспиското море, што е богат со нафта, во рамките се поголемата воена соработка на Вашингтон со овој регион. За време на посетата на главниот град на Казахстан, Астана, каде што се сретна со владини претставници, господинот Рамсфелд го поздрави нивниот придонес во меѓународните напори за стабилизација на Ирак. Господинот Рамсфлед исто така ја пофали оваа централноазиска земја како модел за успешно разоружување. Кога Казахстан се отцепи од Советскиот сојуз во 1991 година, имаше четврт по големина нуклеарен арсенал во светот, но до 1995 се ослободи од него. Секретарот Рамсфелд кажа дека во Ирак немало да има војна доколку го следел примерот на Казахстан и се разоружал на таков начин.

САД – избори

Сенаторот Кери го зголеми водството во трката за претседателска номинација на Демократската партија, со победа на партиските избори во уште три федерални држави. Сенаторот од Масачустетс победи на предизборите во Јута, во Ајдахо и Хаваи, со голема предност. Господинот Кери досега победи во 18 од вкупно 20 избори за номинација. Кандидатите на Демократската партија во голем дел ги занемарија вчерашните избори и се фокусираат на најголемите предизбори што ќе се одржат на втори март во 10 федерални држави. Тогаш ќе се избираат половината од 2.162 делегати потребни за да се добие номинацијата. Победникот ќе му биде противкандидат на претседателот Буш на изборите на втори ноември.

Азија – птичји грип

Агенцијата за храна на ОН соопшти дека кризата со птичјиот грип во Азија се уште не е ставена под контрола, и покрај задолжителното колење на десетици милиони птици во регионот. Во соопштението на Организацијата за храна и земјоделство, се вели дека продолжува ширењето на вирусот во некои земји. Од владите во регионот се бара да продолжат со набљудувањето и контролата, вклучувајќи и уништување на пилешките производи. Агенцијата испрати стручњаци за болеста во неколку азиски земји кои се погодени од птичјиот грип, вклучувајќи ја и Кина. Властите велат дека експертите ќе соберат инфромации што ќе помогнат во одредување на потеклото на епидемијата. Кинеските власти велат дека веќе деветти ден не е пријавен нов случај на болеста.

XS
SM
MD
LG