Во американската претседателска трка, Демократите се лути, а Републиканците возбудени заради новиот обид на поборникот за правата на потрошувачите Ралф Надер да се кандидира за претседател. Многу Демократи веруваат дека кампањата на господинот Надер во 2000 го чинеше Ал Гор да загуби на изборите. Но овој пат, приказната може да е поинаква.
Ралф Надер вели дека годинава се кандидира за претседател бидејќи двете големи политички партии паднале под влијание на интересите на деловните корпорации, кои многу не се грижат за потребите на обичните Американци.
„Имаме морален императив да заземеме став во одбрана на нашата нападната демократија и да ја обезбедиме нашата земја и нејзините слободи. Ние треба да го оживееме експлицитниот суверенитет во преамбулата на Уставот - "Ние, народот" – тоа не е за распродажба, корпоративната контрола сака се да стави на распродажба“, вели г-динот Надер.
Пред четири години, Ралф Надер доби помалку од три проценти од гласовите на Американците како претседателски кандидат на Партијата на зелените. Меѓутоа, некои демократи го обвинуваат за поразот на Ал Гор, тврдејќи дека најголем дел од гласовите што тој ги добил на неизвесните избори во федералните држави како Флорида и Њу Хемпшир, на пример, би биле гласовите за Гор со чија помош би влегол во Белата Куќа, доколку Надер не се кандидирал.
Но, голем дел од политичките стручњаци се согласни дека господинот Надер нема да има ист ефект на овогодишните избори.
Професорот Алан Лихтман од Американскиот Универзитет во Вашингтон вели:
„Речиси секогаш, независните кандидати при повторниот обид минуваат слабо, освојувајќи за половина или дури помалку од претходно дадената поддршка. Мислам дека тоа ќе се случи и со Надер годинава споредено со 2000. Прво, затоа што повторно се кандидира, и второ, затоа што има многу прогресивни луѓе кои се лути на Џорџ Буш и сакаат промена, многу повеќе отколку во 2000-та кога некои своето незадоволство го насочија против администрацијата на Клинтон“, вели професорот Лихтман.
Аналитичарот Крег Крафорд се согласува дека Ралф Надер овој пат нема да биде толку привлечен за демократското гласачко тело. Но, тој вели дека овој познат поборник за потрошувачки права може да стане фактор во неколку држави доколку изборите се тесни. Господинот Крафорд за телевизијата СиБиЕс изјави.
„Не мислам дека тој ќе добие толкава поддршка како во 2000-та. Но, да парафразирам малку од неговата најпозната книга во 1960-те за безбедноста на автомобилите - за Демократите тој е 'небезбеден на секоја брзина'. Дури и ако не добие многу гласови, тој може да се фокусира на изборите во две-три федерални држави и да го промени исходот“, истакнува тој.
Дел од Демократите веќе остро реагираа на одлуката на господинот Надер и бараат тој да се откаже од кандидатурата при крајот на предизборната кампања, доколку стане извесно дека изборите ќе бидат тесни.
Од друга страна господинот Лихтман смета дека Демократите можеби треба да избегнат директна конфронтација со господинот Надер.
„Надер профитира од конфронтација. Тоа само ќе го зајакне. Демократите дефинитивно не треба да одат директно на Ралф Надер. Тие не треба да му дадат ниту една трошка дополнителен публицитет“, смета тој.
За разлика од пред четири години, господинот Надер не може да смета на помошта од Зелената партија како нејзин кандидат да биде внесен на избирачкиот список за изборите. Тој сега е пред предизвикот да обезбеди стотици илјади потписи на гласачите за да биде ставен на изборните ливчиња во сите 50 федерални држави пред изборите во ноември годинава.