Линкови за пристапност

Аналитичарите и предвидуваат кус век на новата српска влада - 2004-02-20


Речиси два месеци по парламентарните избори, во Србија, се уште не е формирана новата влада. Бери Вуд во следниов прилог се осврнува на најавите дека е можно власта да ја преземе малцинска влада на реформистите, со поддршка од Социјалистичката партија на Слободан Милошевиќ.

Аналитичарите во Белград очекуваат нов премиер да биде Воислав Коштуница, умерен националист кој откако го победи Слободан Милошевиќ на изборите, три ипол години беше претседател на Југославија. Овој професор по право составува малцинска влада од три реформски партии кои за обезбедување парламентарно мнозинство би требало да сметаат на поддршката на социјалистите на г-динот Милошевиќ. Реформистите мора да побараат поддршка од социјалистите, доколку сакаат да формираат влада без ултра-националистичката Радикална партија која освои најмногу парламентарни места на изборите.

Владимир Матиќ, српски политички аналитичар кој предава на Универзитетот Клемсон во Јужна Каролина верува дека новата влада би можела да биде постабилна одошто многумина скептици претпоставуваат.

„Влада од три партии поддржана од социјалистите во парламентот, и сите имаат вложен интерес за таквиот проект да трае. Но во исто време, доколку ги погледнете нивните програми, не гледам многу шанси за продолжување на реформите“, вели тој.

Професорот Матиќ смета дека политичката сцена во Србија и на Западен Балкан во изминатава година значително се променила. Србите, вели тој, му го свртеле грбот на меѓународниот суд за воени злосторства, верувајќи дека Србија неправедно била издвоена како виновник. Исто така, Србите сметаат дека економските реформи биле неуспешни и оти претходната реформска влада направила многу малку за искоренување на корупцијата.

Г-динот Матиќ верува дека и етничките Албанци на Косово и народот во Црна Гора ќе се чувствуваат небезбедни, знаејќи дека партијата на г-динот Милошевиќ одново добива легитимитет.

Обрад Кесиќ, српски политички аналитичар во Вашингтон смета дека независно од нејзиниот состав, новата српска влада нема долго да опстане.

„Дури и при најдобро сценарио, успешната влада ќе биде краткотрајна, бидејќи задача број еден е пишување нов устав. Тогаш кога новиот устав ќе биде напишан со консензус, а, според некои мислења, и со закон - ќе бидат организирани нови избори“, вели овој српски експерт.

Професорот Матиќ вели дека доколку се одржат нови избори, српските радикали кои победија на последните избори веројатно повторно добро ќе минат. Таа националистичка партија, вели тој, кај народот претставува алтернатива на реформистите, кои се сметаат за неуспешни. На кус рок, г-динот Матиќ е песимист во однос на Србија.

„Ова е само кус одмор од забрзаната трансформација, додека не се здружат и вистински не одлучат што сакаат да сторат и каква Србија сакаат да изградат“, истакнува професорот Матиќ.

Набљудувачите се загрижени од политичкиот ќорсокак во Србија. Реформистите се поделени во однос на тоа каков општество сакаат да изградат. Меѓу Србите нема ниту јасно формулирани ставови за новата и кревка заедница со Црна Гора и за иднината на Косово. Велат дека сакаат да бидат членка на ЕУ, но се индиферентни во однос на НАТО. Но, како и да е, аналитичарите сметаат дека Србија е премногу важна за да се игнорира, со 10 милионска популација во срцето на историски нестабилниот Балкан.

XS
SM
MD
LG