Линкови за пристапност

Спирит на Марс испитува можно присуство на сулфати и вода - 2004-02-20


Вселенското возило “Спирит“ пристигна во мала вдлабнатина во земјата наречена Лагуна и ги вртеше тркалата лево-десно за да ја растури многу рамната почва. Овој маневар овозможи неговите инструменти да откријат минерали под површината. Кога возилото се придвижи назад, научниците забележаа дека дел од почвата се залепил на тркалата.

Истражувачот на НАСА, Дејви Демареј вели дека прашината може така да се прилепи кога е збиена, но нагласува дека е можно и друго објаснување - што вклучува вода.

„Можно е исто така да биде сол или солена вода или малку вода што придонесува за навлажнетост на почвата. Во тој случај, не интересира зошто тој материјал на површината е толку леплив, зошто се лепи на тркалата“, вели тој.

Потрагата по вода е целта на мисијата на НАСА што чини 820 милиони долари. Две идентични роботски возила со по шест тркала веќе неколку недели на две спротивни страни на Марс ја испитуваат површината на планетата и карпите што се формирале на неа.

Ако во лепливото земјиште има вода, дали тоа можеби се остатоци од океани, езера и реки, за кои научниците веруваат дека порано постоеле на Марс?

Нови податоци за воденото минато на Марс може да произлезат од претстојното испитување на карпи од страна на возилото “Опортунити“, кое во моментов се наоѓа во плиток кратер каде што се спушти кон крајот на јануари. „Опортунити“ треба да загребе по надворешниот слој на една карпа што има многу сулфур на површината. Главниот научник на мисијата, Стивен Скајрес од Универзитетот Корнел, вели дека присуството на сулфур може да значи дека карпата содржи сулфурни компоненти, што може да се формираат во вулкански услови или во вода, во зависност од дадениот сулфат. Групата со која тој раководи ќе може да каже за што точно станува збор кога инструментите на Опортунити ќе навлезат во карпата.

„Ако добиеме докази за вид на сулфат што се формира само во присуство на вода во течна состојба, тоа ќе биде многу возбудливо откритие. Тоа веројатно би било најинтересната работа што би ја откриле таму“, истакнува г-динот Скајрес.

Коментирајќи ги чудните црти на почвата што се гледаат на микроскопските слики што ги испрати „Опортунити“, господинот Скајрес сугерира дека тие се остатоци во форма на конци од воздушните перничиња што го ублажија слетувањето на возилото на Марс. Овие воздушни перничиња, вели тој, издржале голем притисок и можеби оставиле остатоци во форма на влакна на почвата.

XS
SM
MD
LG