Линкови за пристапност

Ирачките Шиити бараат изборите да не се одлагаат  - 2004-02-19


Шиитските групи во Ирак велат дека одложувањето на изборите е неприфатливо и дека некои екстремни лидери се закануваат дека ќе ги повикаат своите симпатизери да се спротистават на оваа одлука. Тие не се согласуваат со аргументот дека Ирак не е способен да одржи национални избори пред јуни заради слабата комуникација, немање на гласачки листи и постојани закани по безбедноста.

Шиитите сочинуваат речиси 60 проценти од ирачкото население и верските лидери имаат значително влијание врз нив.

Имамот Абас Рида Кадоум е шиитски свештеник во џамија во централен Багдад.

“Во контакт сме со луѓето кои доаѓаат да се молат во џамијата и ќе им кажеме дека САД сакаат да не лишат од нашите законски права за одржување на непосредни избори. Ќе инсистираме на избори, ќе го повикаме народот да побара тие да се одржат и ќе побараме ОН да ја променат одлуката. Тоа е единствениот начин. Ќе побараме народот да биде обединет по оваа идеја“, вели имамот Кадоум.

Водечкиот шиитски свештеник, Ајатолахот Али Ал-Систани минатиот месец ги повика своите приврзаници да се спротистават на американскиот план привремено да се предаде власта на влада избрна преку регионални средби во земјата, која потоа ќе ги планира изборите за следната година. Десетици илјади Шиити излегоа на улиците во знак на протест по оваа иницијатива.

Но, Ајатолахот Систани се сретна со тимот експерти кои минатата недела беа во посета на Ирак на разговор по ова прашање, при што им навести дека може да побара совет од нив. Повеќето шиитски групи го следат водство на Ајатолахот во однос на политичките прашања.

Прашањето за изборите е длабоко вкоренето во долгогодишната репресија на Шиитите од страна на Садам Хусеин и неговата Баатистичка партија. Според некои проценки, десетици илјади ирачки Шиити во изминатите години биле масакрирани од силите на Хусеин.

Имамот Кадоум вели дека ирачките Шиити бараат докази дека ваквите денови ќе ги нема засекогаш и дека не сакаат понатамошни одлагања за уживање на нивните политички права.

“За време на владеењето на Садам, патевме премногу, а масовните гробници во себе имаат сведоци за она што се случило. Ако тие продолжат да не лишуваат од правата, како што тоа го правеше Садам, тоа значи дека ништо не се променило. Тоа нема да го прифатиме. Мора да бидеме ослободени, мора да го изразиме своето мислење и секое одлагање на изборите, ќе им користи само на терористите. Не сакаме на терористите да им дадеме каков и да е изговор да продолжат да напаѓаат невини луѓе“, кажа имамот Кадоуми.

Првата поголема реакција на одлуката на секретарот Анан се очекува утре, кога Имамите во Ирак ќе проповедаат на петочните молитви.

XS
SM
MD
LG