Линкови за пристапност

Дали на повидок е повлекување на Хауард Дин од трката за претседателска номинација од Демократската партија? - 2004-02-17


Хауард Дин на последниот ден од кампањата во Висконсин се појави пред повеќе од илјада приврзаници кои го исполнија театарот во центарот на Медисон. Главниот град на Висконсин е една од најлибералните енклави во САД.

Судејќи според посетеноста некој би помислил дека гувернерот Дин е на пат кон победа. Но реалноста за кампањата на господинот Дин е многу помрачна. Посетеноста не некои од неговите последни појавувања беше помала од предвидувањата. Тој не успеа да победи на ниту еден партиски избор досега од вкупно 16. Сенаторот од Масачустетс Џон Кери победи на 14 и се смета дека е речиси сигурно оти ќе ја добие номинацијата.

Некои помошници на Дин почнале да бараат друга работа, а вчера претседавачот на кампањата на Дин, Стив Гросман поднесе оставка и навести дека можеби ќе почне да работи за сенаторот Кери.

Хаурд Дин пред новинарите изјави дека му посакува се најдобро.

„Апсолутно не се чувствувам предаден од Стив Гросман. Го сметам за пријател. Сметам дека многу напорно работеше на оваа кампања“, вели тој.

Хауард Дин им се доближи на обичните гласачи во целата земја, употребувајќи нови средства, како Интернет и особено влијаеше врз младите. Тој исто така говореше за она што станаа главни теми уште во почетокот – војната во Ирак, губењето работни места во производството во САД и немањето здравствена заштита за сите Американци.

На еден од неговите последни митинзи, господинот Дин кажа дека сега сите кандидати зборуваат на овие теми и дека многу од неговите предлози ќе завршат во партиската платформа.

„Со вашата работа во последната година и пол, веќе ја напишавме платформата на Демократската партија. Синоќа учествував во дебатата и сите кажуваа делови од платформата на Демократската партија, од платформата на Дин, од платформата на Дин за Америка. Мислам дека тоа е одлично. Тоа е една од причините што го почнавме ова, да го вратиме темелот на Демократската партија“, рече г-динот Дин.

Иако Хауард Дин и натаму инсистира дека учествува за да победи, набљудувачите долго време велат дека е јасно оти дел од неговата енергија исчезна. Тој сега попрво говори за неговото влијание врз партиската палтформа, отколку за победа. Исто така јасно кажа дека ќе го поддржи кандидатот што ќе ја добие номинацијата.

„Дозволете ми да кажам, за сенаторите кои ми се противкандидати. Тие се добри луѓе. И верувајте, ако некој од нив ја добие номинацијата, јас ќе го поддржам затоа што секој е подобар од Џорџ Буш“,истакна тој .

Ако резултатите од партиските избори во Висконсин се онакви како што се очекуваат, врз основа на последните истражувања на јавното мислење, тогаш Хауард Дин нема да победи и веројатно ќе се повлече или ќе ја прекине својата кампања. Предизвикот за Демократската партија потоа ќе биде да ги задржи илјадниците приврзаници на Дин кои енрегично и со ентузијазам ја следеа неговата кампања.

XS
SM
MD
LG