Линкови за пристапност

Демократите гласаат во Висконсин  - 2004-02-16


Поддржувачите на сенаторот Едвардс се исклучително задоволни од поддршката што тој ја доби од најголемиот весник во Висконсин, The Milwaukee Journal Sentinel, и од коментарите за настапот на сенаторот на предизборната дебата во неделата. Според експертите и политичките аналитичари, најдобар настап на дебатата имал сенаторот Едвардс.

Најновите анкети, спроведени изминатиот викенд, покажуваат дека во водство е сенаторот Кери, со околу 50 проценти од потенцијалните гласови. Сенаторот Едвардс е на далечното второ место со околу 16 проценти.

Уводникот на The Journal Sentinel, во кој му се дава поддршка на сенаторот Едвардс, сепак го уважува водството на сенаторот Кери. Тој има освоено 14 од додега одржаните партиски избори и предизбори во американските федерални држави. Но, весникот наведува дека сенаторот Едвардс би бил посилен за кампања на долги патеки, бидејќи нуди, цитираме, „најдобрата комбинација на политичка порака и метод како да се спроведува таа“. Како што се вели во уводникот „Едвардс е умен, ангажиран и оптимист, релаксиран пред секаков вид на публика и често инспиративен“.

Во меѓувреме, човекот кој пред повеќе од еден месец се сметаше за фаворит во трката за претседателска номинација од Демократите, поранешниот гувернер на Вермонт Хауард Дин, се чини дека е на крајот од својата кампања. Раководителот на кампањата на Дин, Стивен Гросман, ја напушти кампањата откако претходно за Њујорк Тајмс изјави дека е подготвен да го поддржи сенаторот Кери, доколку г-динот Дин не победи во Висконсин.

Гувернерот Дин, кој според анкетите има 11 проценти од гласовите, претходно изјави дека му е потребна победа во Висконсин за да остане во трката, но изминативе денови го промени својот став, навестувајќи дека сепак ќе остане подолго во трката.

Сепак, тоа би можело да биде тешко, бидејќи неговите перспективи во државите каде на 2 март ќе се одржат предизбори не се ништо подобри. Бројот на присутните на некои собири на Дин во Висконсин е се помал, а според извештаите, некои од персоналот во кампањата на Дин веќе си бараат работа на страна.

XS
SM
MD
LG