Линкови за пристапност

Јужнокорејски научници тврдат дека клонирале човечки ембрион - 2004-02-12


Научниците од Националнит универзитет Сеул во Јужна Кореја велат дека успеале да клонираат човечки ембриони во почетна фаза кои се развиваат во лабараторија.Ова достигнување секако ќе поттикне дебата за човечкото клонирање.

Јужнокорејскиот тим вели дека успеал да клонира 30 човечки ембриони во почетна фаза и тоа од јајце-клетки донирани од 16 жени од Јужна Кореја.

Научниците од оваа земја велат дека штом овие ембриони почнале да растат, успешно биле отстранети универзалните или како што се нарекуваат „основни клетки“ што поттикнуваат човечки развој и со чија помош се формираат човечките органи, а можат да се употребат за развој на какво и да е човечко ткиво.

Тимот научници вели дека нивната цел била, како што го нарекуваат, „терапевтско клонирање“, спротивно на „репродуктивното клонирање“. Со други зборови, тие попрво се интересираат за истражување на „основните клетки“, одошто клонирање на цело човечко битие.

Пронајдоците на тимот научници ќе бидат објавени во овонеделното интернет-издание на американското списание Наука.

Американската асоцијација за усовршување на науката, која е издавач на списанието, денеска кажа дека јужнокорејските биолози се првите што објавуваат успешно истражување за клонирање на човечките ембрионални клетки.

Научниците досега имаа успешно клонирано теле, глувци и најпознатиот случај од сите, овцата Доли. Одвреме навреме се појавуваа тврдења за клонирање и на човечки ембриони, но за ова никогаш не беа понудени докази.

Техниката која ја користеле корејските научници претходно се употребувала за клонирање на клетки кај глувците, но вклучувањето на човечки „основни клетки“ во истражувањата, најверојатно ќе разгори дебата за човечкото клонирање.

Постојат повеќе спротиставени мислења за овој пристап. Некои целосно се противат на човечкото клонирање од етички и научни причини. Други се противат на отстранувањето на „основните клетки“ од клонираните човечки ембриони бидејќи во тој процес ембрионот се убива.

Поддржувачите на пристапот дебатираат дека истражувањето на „основните клетки“ ќе доведе до иновации во медицината.

Венди Фунг е истражувач во биотехнолошката компанија Де-Ен-Ка-Чипс, со седиште во Хонг Конг. „Друга цел на овој вид експеримент, би била да се обиде да се најде начин да се пронајде ембрионално ткиво кое може да се користи за трансплантација“, вели Фунг.

„Основните клетки“ се трансплантирани во заболени органи, како во мозокот на лицата заболени со Алцајмеровата или Паркинсоновата болест и притоа се постигнати поволни резултати.

Научниците сепак истакнуваат дека штом човечките ембриони ќе се клонираат, тие теоретски можат да бидат развиени во човечки суштества. Бројни поеднци и влади повикале на усвојување на закони со кои би се забранило човечкото клонирање.

Администрацијата на претседателот Буш се залага да се забрани човечкото клонирање, како за репродуктивни цели, така и за отстранување на таканаречените основни клетки.

XS
SM
MD
LG