Поводот за појавувањето на секретарот пред Комисијата за меѓународни односи на Претставничкиот дом беше образложување на владиниот буџет за надворешни работи на администрацијата за идната година од 31,5 милијарди долари.
Но, на тричасовното сослушување доминираше партиска дебата за политиката во однос на Ирак, при што господинот Пауел и законодавците Републиканци ја бранеа одлуката на Белата куќа за војна, додека Демократите, како Гери Акерман од Њујорк, сугерираа дека администрацијата пред една година ја преувеличувала заканата од Садам Хусеин:
„Почитуваниот претседавач на оваа комисија ја кажа максимата дека вистината е првата жртва во војна. Јас би кажал дека вистината беше убиена пред да биде испукан првиот куршум. Сега кога не можеме да откриеме залихи на оружје за кои потпретседателот Чејни тврдеше дека апсолутно се таму, а секретарот Рамсфелд тврдеше дека ги знае точните локации, се наоѓаме пред голем проблем“. вели г-динот Акерман.
Господинот Пауел, чиј говор пред Советот за бебзедност на ОН на 5 февруари 2003-та претставуваше едно од клучните образложенија на американската влада за неопходноста од воена акција во Ирак, ги отфрли сугестиите на господинот Акерман. Тој кажа дека настапил во Советот за безбедност со најдобрите расположиви проценки во тоа време од американското и сојузничкото разузнавање за оружјето на Садам Хусеин и неговите намери:
„Појдов на тој брифинг верувајќи дека има залихи, дека таму има оружје. Очекувавме да го најдеме. Сите верувавме во тоа, затоа што сите разузнавачки податоци укажуваа дека има залихи. Тоа произлегуваше од 12-годишни испитувања, од осум годишниот престој на инспекторите на ОН на теренот и од сите разузнавачки податоци што ни беа на располагање, што им беа на располагање на другите агенции и влади. Затоа не станува збор дека сме знаеле оти таму немало ништо и дека сме лажеле. Ние само презентиравме факти што ни ги пружи нашето разузнавање“, истакна секретарот Пауел.
Господинот Пауел повеќепати подвлече дека претседателот Буш ја сторил вистинската работа со отстранувањето на Садам Хусеин и кажа дека изјавите во неговото интервју за Вашингтон Пост минатата недела, што изгледале како да го дистанцираат од политиката на владата за Ирак, биле погрешно толкувани и преувеличани од некои, како што ги нарече, “хистерични“ претставници на медиумите.
Секретарот Пауел кој има добри односи со членовите на двете партии во оваа комисија на Претставничкиот дом, имаше жестока расправа со Демократот од Охајо, Шерод Браун.
Во рамките на критичкото испрашување за Ирак, господинот Браун ги повтори обвинувањата, што Белата куќа ги демантираше, дека претседателот Буш не учествувал во задолжителните воени вежби на Воздухопловната национална гарда пред 30 години.
Секретарот Пауел доби силна поддршка за Ирак од Републиканците во комисијата, вклучувајќи го и претседавачот Хенри Хајд. Тој кажа дека употребата на сила против Садам Хусеин бил неверојатно успешна акција и катализатор за натамошната надворешна политика, споменувајќи ја во тој контекст одлуката на Либија доброволно да го предаде оружјето за масовно уништување.