Линкови за пристапност

Продолжија преговорите на лидерите на кипарските Грци и Турци - 2004-02-11


Лидерот на Кипарските Грци Тасос Пападопулос и неговиот турски колега Рауф Денкташ вчера имаа речиси двочасовна средба со генералниот секретар на ОН Кофи Анан. Потоа, обајцата лидери кусо изјавија дека се согласиле денеска попладне да ги продолжат разговорите.

Единствениот коментар дојде од синот на г-динот Денкташ, Сердар Денкташ, кој на новинарите им изјави: “Работите се движат во вистинска насока“.

Посредникот на ОН, Алваро де Сото кој одржуваше одделни разговори со обете страни, овој состанок го нарече конструктивен, сугерирајќи дека преговорите се во чувствителна фаза.

“Ние побаравме од страните да не говорат за тековните дискусии. Така што јас не би сакал да ги карактеризирам“, рече господинот Де Сото.

На прашањето зошто ќе има дополнителни разговори, тој одговори: “Бидејќи не сме завршпиле“. Г-динот Де Сото изрази надеж дека ова е добра шанса двајцата лидери да се приближат до решавање на нивниот 30-годишен спор.

Претходниот посреднички обид на генералниот секретар заврши минатата година во ќорсокак, кога г-динот Денкташ инсистираше на тоа неговата Турска република Северен Кипар, која е признаена само од Турција, да биде прифатена како суверена земја во рамките на кипарска конфедерација.

Сепак, една година подоцна, обете страни работат во сторг рок. Кипар ќе биде примен во ЕУ на први мај. Доколку не се постигне договор за реунификација, на Унијата ќе и се приклучи само владата на Кипарските Грци, со што поделбата на островот се продлабочува. Со приближување на крајниот рок, генералниот секретар Кофи Анан се согласи на продолжување на посредничките напори на ОН, но само под услов разговорите да бидат завршени до 25 март. Конечниот договор потоа би бил ставен на одделни референдуми пред крајниот рок-први мај.

Турција врши голем притисок врз г-динот Денкташ да го прифати договорот, со образложение дека доколку тоа не се прифати изолацијата на Турски Кипар ќе се продлабочи. Тоа истовремено ќе нанесе штета на шансите на Анкара за приклучување кон ЕУ.

Кипар беше поделен на етнички граници во 1974 година, кога турските трупи извршија инвазија на северниот дел на островот. Тоа се случи по соборувањето на владата во Никозија од страна на Кипарската национална гарда, предводена од грчки офицери.

ОН речиси 30 години на Кипар имаат мировничка мисија, по должина на таканаречената Зелена линија.

XS
SM
MD
LG