Линкови за пристапност

Американскиот Оддел за финансии објави список од 13 лица кои го попречуваат спроведувањето на Дејтонскиот договор во Босна и Херцеговина и Рамковниот договор во Македонија  - 2004-02-10


Американскиот секретар за финансии Џон Сноу вчера објави дека канцеларијата за контрола на странски имот во неговиот оддел, назначила 13 поединци од Западниот Балкан на кои им се замрзнува имотот во САД и им се забрануваат финансиски трансакции со американски државјани.

На списокот меѓу 13-те лица се наоѓаат и три лица од Македонија: Мендух Тачи, Авдилј Јакупи или познат како командант Чакала и Џезаир Шакири. Исто така се наведува дека овие тројца, заедно со Предраг Кујунџиќ се лидери на вооружени милитантни групи кои се спротивствавуваат на напорите на ОН да се воспостави мир во Босна и Херцеговина.

Во соопштението се вели дека причина за оваа забрана, е што овие лица го попречувале или претставуваат ризик за опструкција на Охридскиот рамковен договор од 2001 година, потоа на Дејтонскиот договор и одлуките на високиот претставник за Босна и Херцеговина.

Инаку останатите лица на списокот на американскиот Оддел за финансии се: Драган Башевиќ, Белјо Боровчанин, Самојко Ѓорѓа, Лјубан Еќим, Радомир Којиќ, Томислав Ковач, Предраг Кујунџиќ, Милован Марјановиќ, Иван Сарач и Мирко Саравиќ. На овие лица денеска во Сараево е објавено дека им се замрзнуваат имотите во Босна и Херцеговина, тројца од нив се разрешени од позициите на полициски офицери, а Мирко Шаровиќ е разрешен од функцијата потпретседател на Српската демократска партија.

Во соопштението на американскиот Оддел за финансии се наведува дека САД имаат витален интерес за обезбедување на мир и стабилност во Европа. На Западен Балкан, САД се ангажирани, заедно со НАТО, ОБСЕ, ОН и ЕУ во напорите за постигнување мир, стабилност, помирување и демократски развој, како и помош за интеграција на регионот во европските институции.

XS
SM
MD
LG