Сенаторот Кери ги очекува првите победи на југот. Според испитувањата на јавното мислење тој би можел да победи во Вирџинија и Тенеси, пробив за кој аналитичарите велат дека би им бил доказ на гласачите оти тој е најсилниот кандидат кој може да му се спротивствави на претседателот Буш во ноември.
„Ќе го отфрлиме цинизмот и радикалниот правец во кој не води оваа администрација“, беше категоричен Кери.
Но двајцата кандидати од југот, сенаторот од Северна Каролина, Џон Едвардс и пензионираниот генерал Весли Кларк, кој е родум од Арканзас, се надеваат дека на партиските избори во вторник ќе ја ослабнат позицијата на Кери.
Доколку не можат да го победат Џон Кери на југот, некои лидери на Демократскта партија сугерираат дека треба да се повлечат од трката. Но Џон Едвардс ветува дека ќе остане во изборната трка, дури и во случај да го освои второто место.
„Тоа што сакам е овде, во Вирџинија, да завршам на второто место, а исто и во Тенеси. Потоа одиме во Висконсин. Како што претходно кажав, мислам дека многу брзо ова станува трка на двајца“, истакна Едвардс.
Во Вирџинија има голема концентрација на активен и пензиониран воен персонал, а сенаторот Кери и пензионираниот генерал Весли Кларк се обидуваат да ги добијат нивните гласови. Генералот Кларк со часови пред партиските избори посочуваше на разликите меѓу него и долгогодишниот сенатор Кери и сенаторот Едвардс со еден мандат, кој по професија е адвокат.
„Ваш е изборот во оваа трка. Имате добар адвокат, кој е и прекрасен човек. Имате и човек кој го минал животот во Сенатот. Тој е одличен законодавец. И - имате некого како мене“, вели Кларк.
Забележливо отсутен од кампањата на југот е поранешниот гувернер на Вермонт, Хауард Дин, кој се уште не победил на партиските избори во ниту една федерална држава. Тој се концентира на победа на изборите идната недела во Висконсин. И покрај се, тој сега вели дека веќе не размислува да ја заврши својата кампања доколку не победи таму.