Линкови за пристапност

Јани Макрадули: Македонија е стабилизирана и сега целата енергија ќе ја насочиме кон економските реформи - 2004-02-05


Координаторот на пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Јани Макрадули рече дека приоритетите на Македонија денес се поинакви во однос на 2002. Тогаш сите се плашеа од нов конфликт, а денес, истакна тој, сите се загрижени за економските реформи, за нови вработувања. „Тоа значи дека е завршена фазата на стабилизирање, се врати довербата во институциите и безбедносните структури, мешаните патроли се на терен во некои кризни региони во кои не можевме да замислиме дека ќе бидат порано. Сега го завршуваме процесот на имплементација на Охридскиот договор и целата енергија ќе ја насочиме кон економските реформи и на она што граѓаните најмногу ги интересира, отварање нови работни места“, смета господинот Макрадули.

Што се однесува до очекувањата од престојниот Самит на НАТО во Истамбул, тој беше дециден:

„Мислам дека од сите овие активности што ги правиме како држава, што се однесува до НАТО, некако сме најблиску до НАТО, споредено со другите организации, структури или активности што ги правиме. Мислам дека тоа е последица на една макотрпна работа на Министерството за одбрана, завршени се многу домашни работи што ни се дадени и заслужуваме, заслуживме и порано, на Истамбулскиот самит да ја добиеме поканата за членство“.

Одлуката за поднесување на апликација за членство на Македонија е поддржана од сите политички партии, рече координаторот на СДСМ, а во однос на погодноста на моментот да се стори тоа, прашањето е дискутабилно:

„Кога е тогаш моментот ако не сега, ако ги завршиме сите работи што ни престојат, тогаш по дефиниција ќе влеземе во Европа, не мора да бараме апликација, тие ќе не побараат нас. Мислам дека ова е моментот кога е малку порелаксирана атмосферата. Следната година се решава проблемот со Косово, во 2006-та ќе бидат парламентарните избори, тогаш да не не обвинат дека правиме некој маркетинг и мислам дека се созреани условите кога практично апликацијата ќе значи зголемен ангажман, зголемено мониторирање од страна на ЕУ, но и зголемено мониторирање на самите себе за да ги завршиме сите активности и сите реформи што треба да ги правиме“.

Според Макрадули, многу е направено и за меѓуетничките односи во земјата, а досега донесените закони, ја зголемиле довербата не само меѓу коалиционите партнери туку и довербата на теренот, меѓу Македонците и Албанците. Државата сега влегува во еден период каде законот е еднаков за сите, важи за сите, истакна тој.

XS
SM
MD
LG