Линкови за пристапност

Пауел: Претседателот Буш донесе вистинска одлука за започнување војна во Ирак - 2004-02-03


Изјавата на г-динот Пауел во Вашингтон Пост навидум го оддалечуваше од ставовите на Белата куќа по прашањето за војната во Ирак, во време на растечка контроверза за тоа колку и какво оружје имал Садам Хусеин.

Но, во разговорот со новинарите по неговата вчерашна средба со генералниот секретар на ОН Кофи Анан, г-динот Пауел децидно ја поддржа одлуката за употреба на воена сила за отстранување на поранешниот ирачки владетел. Тој рече дека г-динот Буш донел вистинска одлука базирана на историјата на режимот на Садам Хусеин и на намерите на, како што го нарече, „ужасниот деспотски лидер“.

Тој додаде дека иако големината на залихите на оружје на Садам Хусеин сега е доведена во прашање, неспорно е дека тој имал техничка инфраструктура и системи за лансирање на оружјето за масовно уништување.

„Единствената работа за која дебатираме се залихите. Претседателот донесе вистинска одлука. Не треба да има сомневање кај американскиот народ, ниту пак кај другите во светот дека ние ја направивме вистинската работа и историјата сигурно дека ќе биде тест за тоа. Но мислам дека ние веќе го минавме тестот кај ирачкиот народ кој сега гледа дека има демократска иднина, дека ќе живее во мир со своите соседи и дека во однос на Ирак никогаш повеќе нема да се разговара за оружје за масовно уништување. Беше направена вистинската работа“,изјави г-динот Пауел.

Вашингтон Пост го цитираше г-динот Пауел дека рекол оти не е сигурен дали би предложил инвазија на Ирак, доколку знаел дека американската повоена потрага нема да најде докази за постоење на залихи на оружје. Исто така, весникот ги пренесува и неговите зборови дека непостоењето на залихи на оружје „ги менува политичките калкулации“ за ситуацијата.

Но сепак, во текот на неговата непланирана вчерашна прес-конференција, државниот секретар рече дека воената интервенција била нешто на што се согласиле сите клучни советници на претседателот Буш, и според него, „на тоа повторно би се согласиле“, во какви и да се други околности.

Настапот на секретарот Пауел на 5 февруари минатата година пред Советот за безбедност на ОН, кога ги презентираше американските разузнавачки информации за ирачките програми на забрането оружје, беше клучен настан во американското образложение за потребата воена интервенција во Ирак.

Тој за Вашингтон Пост изјави дека неговата презентација во ОН, сега навидум преценета поради досегашната неуспешна повоена потрага по оружје, ја претставувала најдобрата проценка на американските разузнавачки агенции во тоа време. Тој рече и дека во неговиот настап пред Советот за бебзедност немало ниту еден збор што не бил целосно потврден од разузнавањето.

Постапките на разузнавањето пред војната ќе бидат цел на истрагата на двопартиска комисија, која ја нареди претседателот Буш неделава, а паралелно со тоа ќе се водат распити и во Конгресот.

XS
SM
MD
LG