Линкови за пристапност

Анан: Дипломатски тим на ОН ќе отпатува во Ирак за да помогне во изборот на транзициона влада - 2004-02-03


Генералниот секретар на ОН Кофи Анан вели дека ќе испрати дипломатски тим во Ирак за да се реши спорот околу изборот на транзициона влада. Г-динот Анан ова го соопштил за време на синоќешната средба со претседателот Буш.

Господинот Анан вели дека сите се согласни дека ирачкиот суверенитет треба да се обнови што е можно побрзо. Несогласувањата се во врска со тоа како треба да се формира транзиционата влада, со тоа што американската администрација повикува на регионални избори, а влијателните шиитски свештеници повикуваат на распишување на непосредни избори.

Г-динот Анан вели дека политичкиот тим што го испраќа во Ирак ќе се обиде да придонесе нештата да појдат во вистинска насока, кон Влада која ќе ја гарантира ирачката политичка и економска иднина.

„Имаме шанса да помогнеме да се прекине ќорсокакот што постои и да се појде напред“, истакна г-динот Анан.

Американските претставници велат дека планираат власта да ја предадат до крајот на јуни и не веруваат дека тоа остава доволно време да се организираат нови избори во земјата, која долги години беше под доминација на партијата Баат на Садам Хусеин.

Претседателот Буш вчера изјави дека со генералниот секретар на ОН разговарале и за начинот на кој Ирак ќе стане стабилна, напредна земја и пример за демократија на Блискиот Исток.

XS
SM
MD
LG