Линкови за пристапност

Возилото Спирит ќе продолжи со истражувањата на Марс - 2004-02-03


Американското вселенско возило Спирит, по двонеделни проблеми на својот компјутерски софтвер, сега е целосно подготвено да продолжи со мисијата на истражување на Црвената планета.

Спирит пристигна на Марс пред еден месец, но преоптоварувањето на неговата комјутерската меморија ги попречи планираните истражувачки операции на двеипол недели по слетувањето.

За да ослободат повеќе меморија инженерите започнаа со бришење на стотици податоци, со што се подготвени да ја реформатираат меморијата на комјутерот на Спирит, со прочистена верзија на софтверот со чија помош се управува возилото, како и да го рестартираат комјутерот.

„Ова е одличен ден, мошне добар викенд за Спирит и сега на површината на Марс повторно имаме две оперативни вселенски возила“, вели шефот на мисијата Џенифер Троспер. Таа информираше дека додека техничарите ја привршуваат поправката на комјутерот на Спирит, ова возило со шест тркала веќе ќе работи на собирање на податоци од карпата во непосредна близина, наречена Адирондак.

Спирит, и другото идентично возило Опортјунити, што се наоѓа од спротивната страна на Црвената планета, бараат геолошки докази дека на Марс некогаш имало вода, а со тоа и живот.

Г-ѓа Троспер вели дека во моментов најбитен маневар е протегањето на роботската рака на Спирит за да се отсрани прашината на карпата Адирондак, по што возилото со својата микроскопска камера ќе направи соодветни фотографии и со ултравиолетовиот сензор ќе го одреди минералниот состав на карпата. Г-ѓа Троспер подвлече дека денеска ќе се употреби специјална направа за стружење за да се дојде под површината на карпата, пред да се мине на следната операција.

„Штом ќе завршиме со Адирондак, веќе имаме стратегија како со ова возило да се придвижиме уште подалеку и побрзо, и тоа е нашата следна задача“, истакнува таа.

Вселенското возило Опортјунити во меѓувреме го заврши пренесувањето на панорамските фотографии од 360 степени во боја, од плиткиот кратер во кој се наоѓа. Камерата ги правела фотографиите дел по дел по што научниците ја составиле целината. Научникот Џеф Џонсон од Американнскиот центар за геолошко истражување вели дека сликата е мошне остра и од неа може да се види голем дел од површината на Марс како и нерамниот терен на кратерот.

„Оваа прекрасна панорама од 360 степени ни дава вистинско чувство како да сте таму, на лице место ...“.

Г-динот Џонсон вели дека се предвидува Опортјунити да почне со истражување на површината на Црвената планета, а според научниците, секој слој од неа кажува приказна за настан од историјата на Марс, што ќе им помогне, при потрагата по вода, да го разберат геолошкото минато на планетата.

XS
SM
MD
LG