Британскиот премиер Тони Блер нареди спроведување на истрага за разузнавачките податоци врз чија основа Британија започна војна во Ирак. Премиерот Блер на членовите на Парламентарната комисија за врски им соопшти дека го променил неговиот став за тоа дали е потребна ваква истрага, откако главниот американски инспектор за оружје Дејвид Кеј изјави дека не верува оти во Ирак ќе биде пронајдено оружје за масовно уништување.
Г-динот Блер рече дека истрагата треба да открие што била грешката во разузнавањето.
„Начинот на кој разузнавачките податоци се собирани. Начинот на кој е правена проценката. Она што ќе го проверува таа комисија може да биде и употребата на податоците од страна на Владата. Но ние тоа можеме да го сториме без да ставаме црни дамки на довербата и чесноста на луѓето. Тоа во детали беше предмет на истрагата Хатон. Ние тоа можеме да го сториме врз основа на поуката што можеме да ја извлечеме, за добро на нашата земја“, рече тој.
Но, критичарите, вклучувајќи ги и членовите на опозиционата Либерално-демократска партија се противат на строго одредениот фокус на истрагата. Тие велат дека таа треба да биде проширена и да ги опфаќа политичките одлуки што биле направени, врз основа на разузнавачките податоци што Владата ги добила. Токму поради тоа, Либералните демократи соопштија дека нема да се вклучат во истрагата.