Претседателот Буш подготвува независна истрага за разузнавачките податоци што биле собрани пред војната во Ирак, особено за проценките дека Садам Хусеин имал големи залихи на оружје за масовно уништување.
Американскиот претседател во понеделникот соопшти дека одобрил комисија со широк мандат, да ги испита сите разузнавачки податоци поврзани со оружјето за масовно уништување.
До пред неколку дена, Белата куќа се противеше на идејата за независна истрага. Но претседателот сега уважува дека таа е неопходна и кажа дека бара да ги добие сите факти.
„Затоа формирам независна, двопартиска комисија, за да ги анализира нашите позиции, и да видиме што може да направиме подобро додека ја водиме оваа војна против тероризмот“, рече американскиот претседател.
Идејата за независна истрага на предвоените разузнавачки податоци стана актуелна минатата недела, додека Дејвид Кеј, кој минатиот месец поднесе оставка на функцијата главен американски инспектор за оружје, сведочеше пред членовите на Конгресот. Тој тогаш кажа дека најверојатно никогаш нема да бидат пронајдени големи залихи на оружје за масовно уништување и рече дека сите биле заведени со погрешни информации од разузнавачката заедница.
Претседателот Буш стои на ставот дека потрагата по оружје за масовно уништување мора да продолжи додека напоредно се одвива истрагата за разузнавањето. По состанокот на неговиот кабинет во понеделникот, тој пред новинарите беше дециден дека независно од тоа што ќе биде откриено во Ирак, тој верува оти војната била оправдана.
„Ние знаеме дека Садам Хусеин имаше намера и способност да нанесе огромна штета. Ние знаеме дека тој претставуваше опасност“, рече тој.
Претседателот рече дека сака да разговара со Дејвид Кеј пред формално да ја соопшти одлуката за формирање на комисија, и два часа подоцна токму тоа и се случи. Двајцата имаа приватен работен ручек во Белата куќа. Г-динот Кеј замина без да даде изјава за јавноста. Единствената информација од средбата дојде од портпаролот на претседателот Скот Мекклилан. „Ова беше можност за претседателот да слушне директно од д-р Кеј за она што тој го знае како поранешен шеф на групата за истрага во Ирак“, истакна претседателскиот портпарол.
Претседателот Буш се очекува наскоро формално да го објави формирањето на независната комисија. Со тоа што комисијата ќе биде формирана со извршна наредба, а не со акт на Конгресот, тој на Белата куќа ќе и даде поголема улога во нејзиното составување и временската рамка за нејзината работа. Владини претставници индицираа дека претседателот ќе наименува експерти кои ги знаат процедурите на собирање на разузнавачки информации, меѓу кои има и такви кои во минатото се наоѓале на високи владини позиции.