Линкови за пристапност

Груевски: Опозицијата и власта се согласни за членството на Македонија во НАТО и ЕУ  - 2004-02-03


Зборувајќи во Националниот прес клуб, господинот Груевски Македонија ја прикажа како држава која се надева оти членството во ЕУ и во НАТО ќе привлечат инвестиции и ќе ја гарантира безбедноста во земјата. Тој наедно ја критикуваше владата за бавно реагирање кога можела да делува побрзо и да биде поефикасна.

„Секако дека безбедносната ситуација е подобра отколку пред три години. Ако ништо друго, нема ниедна политичка партија која се залага за идеи како што е поделба на државата или нов етнички конфликт“, рече тој.

Тоа е напредок, продолжи Груевски, но има многу показатели кои зборуваат за неповолна ситуација во државата на полиња. Груевски изнесе статистички податоци за зголемување на бројот на кривични дела во 2003 што, како што кажа, е повисока бројка од неколку претходни години. Економскиот растеж е на премногу ниско ниво да се биде атрактивен пазар за инвестирање, а невработеноста е над 36 проценти, што освен можеби со исклучок на Босна и Херцеговина, е највисока стапка во Европа.

Да се биде успешна држава по граѓански конфликт е тешка задача, кажа господинот Груевски, но владата можеше да стори повеќе во изминатата година.

„Најмногу загрижува опаѓањето на почитувањето на човековите права во 2003 година, рече тој, што било утврдено од Македонскиот хеклсиншки комитет. Реформската агенда е недовршена, проблемот со границата со Србија и Црна Гора, а преку нив и со Косово останува проблем, и остава простор принципот на владеење на правото да не може да се примени на целата територија на државата, истакна лидерот на опозицијата.

И каде во целата оваа слика се вклопува пријавата за членство? Груевски го изнесе ставот дека помошта од ЕУ и од Алијансата на НАТО ќе придонесе за смирување на страстите во државата и до отварање можности за поголема одговорност, како од страна на владата така и од граѓаните како поединци.

Запрашан за коментар и оценка на учеството на албанското малцинство во власта, претседателот на најголемата опозициона партија во Македонија кажа дека дека има чувство оти единствена грижа за нивните претставници се етничките прашања. Мислам дека дури и етничките Албанци кои раководат со одредени министерства немаат лидерски капацитет и дека најмалку се загрижени за економијата која е во очајна состојба, рече Груевски.

Обидувајќи се да внесе оптимизам во завршницата на своето излагање во Националниот прес клуб, господинот Груевски кажа дека се надева на прогрес, за што владата треба да покаже многу поголем резултат во наредната година. „Ние се трудиме да ја поттикнеме владата посериозно да се зафати со работата што ја има в раце, а дали и колку ќе успее во тоа ќе одлучи народот на наредните избори“, додаде тој.

XS
SM
MD
LG