Линкови за пристапност

Кери во поход по првите места во седум федерални држави  - 2004-02-02


Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека сенаторот Џон Кери може да ја зацврсти својата позиција на фаворит за претседателска номинација на Демократската партија на партиските избори што ќе се одржат утре во седум федерални држави.

Од седумте федерални држави, анкетите покажуваат дека сенаторот Кери води во Мисури и Аризона и дека е близу до врвот во Оклахома и Јужна Каролина. Во Делавер, Ново Мексико и Северна Дакота утре исто така се избираат делегати за конвенцијата на Демократскта партија, што ќе се одржи кон крајот на јули во Бостон, а на која ќе биде избран претседателскиот кандидат.

Сенаторот Кери се надева дека ќе ја зајакне позицијата што ја доби по првите победи на партиските избори во Ајова и Њу Хемпшир.

Во петокот, тој вети враќање на годините на економски бум на владата на Клинтон доколку биде избран за претседател. Сенаторот Кери зборуваше на форумот на кандидатите во јужна Каролина.

„Ако ви се допаѓаа осумте години на економија под владеењето на Бил Клинтон, ќе ви се допаднат и првите четири години под Џон Кери, затоа што ќе го повториме тоа“, рече тој.

За останатите шестмина Демократи во трката, трети февруари е можност да ја разнишаат позицијата на Кери, со тоа зајакнувајќи ги сопствените.

Сенаторот од Северна Каролина, Џон Едвардс смета дека мора да победи во Јужна Каролина за да ја зајакне својата кампања. Тој на форумот на гласачи во Јужна Каролина што се одржа во петокот ги истакна своите јужњачки корени.

„Пораснав на ист начин како и вие. Дојдов од исто место. Минав 20 години во судниците борејќи се за вас, против големата корпорациска Америка, против големите осигурителни компании. Никогаш нема да заборавам од каде дојдов и на тоа можете да сметате“, порача тој.

Во меѓувреме, пензионираниот генерал Весли Кларк и сенаторот од Конетикат Џозеф Либерман се трудат да пробијат на 3 февруари со победи во Оклахома и Делавер.

Поранешниот гувернер на Вермонт, Хауард Дин исто така сака да победи некаде на 3-ти февруари за да ја зајакне својата кандидатура. Иако господинот Дин на почетокот беше фаворит за демократската номинација, тој не се најде на врвот по изборите во Ајова и Њу Хемпшир. Тој го замени раководителот на неговата кампања и побара од персоналот неколку недели да работи без плата, за да се заштедат пари.

Сенаторот Кери смета на Демократите во целата земја сега да ја поддржат неговата кампања по првичниот успех во Ајова и Њу Хемпшир. Политичките експерти како Том Дефранк, шеф на дописништвото на Њујок Дејли во Вашингтон, велат дека историјата е на негова страна.

„Политиката е игра на тоа кој има импулс во моментот. Тој сега е во позиција да победи на уште неколку партиски избори оваа недела. Сметам дека неговиот главен противник, Хауард Дин, во извесна мерка веќе пропадна“ смета г-динот Дефранк.

Демократското гласачко тело ги рангира економијата, здравствената заштита и образованието меѓу главните домашни теми. Но, гласањето во Њу Хемпшир исто така покажа дека многу Демократи најповеќе внимаваат на тоа да биде избран најсилниот кандидат кој ќе му се спротистави на претседателот Буш на директните избори во ноември.

Фред Барнс, уредник на неделникот Стандард во Вашингтон, вели: „Тоа обично не се случува. Тоа е реткост во американската политика. Но, според истражувањата на гласачите во Њу Хемпшир, овојпат беше таков случајот - третина од гласачите за Демократите кажале дека го избираат кандидатот заради неговите шанси да биде избран. А, речиси сите од нив гласаа за Џон Кери“,вели тој.

На утрешните првични партиски избори во седум федерални држави ќе се избираат 269 делегати. Тоа е над 12 проценти од вкупно 2.162 делегати што се потребни за номинација.

Многу аналитичари сметаат дека трката во Демократската партија ќе биде ефикасно решена на партиските избори во таканаречениот супер-вторник, што ќе се одржат на 2-ри март, кога ќе се гласа во 10 федерални држави, меѓу кои Калифорнија, Њујорк и Охајо.

XS
SM
MD
LG