Претседателот Буш на Конгресот му испрати предлог-план за трошоци од областа на одбраната за фискалната 2005 што ќе започне наредниот октомври и чиј износ е нешто повисок од 400 милијарди долари.
Буџетот за одбраната за 2005-та, во износ од 401,7 милијарди долари е за седум проценти поголем од постојниот.
Но, во новиот нема нови фондови за воените операции во Ирак или Авганистан. Пентагон вели дека мерката од повеќе милијарди долари, што беше усвоена кон крајот на минатата година за дополнително финансирање на овие операции, остава доволно средства за нив во 2004-та.
Наместо тоа, новиот буџет за одбраната сега се рефокусира на обезбедување повеќе средства и бенефиции за воениот персонал и за подобрување на севкупната готовност на американската армија.
Предлог-буџетот вклучува близу 75 милијарди долари за купување на оружје, во кое има нови софистицирани копнени борбени возила, нови воени бродови и авиони. Предложено е да се купат дополнителни авиони од контроверзните Оспрејс, што можат да полетуваат и слетуваат како хеликоптер, но што летаат како авион.
Покрај тоа, буџетот предвидува над девет милијарди долари за противракетната одбрана, еден запирка пет милијарди долари повеќе отколку во буџетот за 2004. Пентагон вели дека првите ракети – пресретнувачи во рамки на ваквата одбрана, што се лоцирани на Алјаска треба да станат оперативни до крајот на оваа година.