Претседателот досега имаше став дека американските инспектори за оружје во Ирак најпрвин треба да ја завршат својата работа, пред да се разгледа можноста за независна истрага во врска со разузнавачките податоци што играа голема улога во отпочнувањето на воена акција во Ирак.
Но, сега на повидок се знаци на промена на тој став. Сенаторот Трент Лот од Мисисипи, највисок републиканец по ранг во Сенатската комисија за разузнавање вели дека се чини оти Белата куќа го преразгледува својот став.
„Дознавам дека тие ја разгледуваат ситуацијата и сакаат целосно да ја согледаат“, рече тој.
Господинот Лот ова вчера го изјави за ТВ мрежата Фокс Њуз. Овој поранешен прв човек на републиканците во Сенатот изрази уверување дека е потребна независна истрага.
„Во овој случај, не постои сомневање дека имало грешки во разузнавањето во ваква или онаква форма“, додаде сенаторот Лот.
Барањата за независна истрага се засилија минатата недела, кога поранешниот главен американски инспектор за оружје во Ирак, Дејвид Кеј, излезе со изјава во јавноста дека многу луѓе биле заведени од погрешното предвоено разузнавање и дека не постои голема веројатност во Ирак да бидат пронајдени огромни залихи на оружје за масовно уништување.
Тој вчера за Фокс Њуз изјави дека поддршката од Белата куќа за независна истрага би била добредојдена. Господинот Кеј посочи дека во ЦИА веќе е во тек внатрешна истага, а свои истраги започнале и неколку комисии на Конгресот. Но, тој потенцираше дека е неопходна независна студија од страна на експерти - без политичка заднина, особено поради тоа што се наближуваат претседателските избори годинава.
„Мислам дека ова не е лов на вештерки. Ова е лов на фундаменталните грешки во начинот на кој ги собираме и сме ги собирале разузнавачките информации извесно време“, рече тој.
Случајот со војната во Ирак веќе стана големо прашање во изборната кампања. Актуелниот лидер во трката за претседателска номинација од Демократската партија, сенаторот Џон Кери од Масачусетс, е меѓу оние кои започнаа да ги доведуваат во прашање причините за инвазијата врз Ирак.
„Мислам дека тука во голема мерка имаше пренагласување, ширење и измама“, истакна сенаторот Кери.
Контроверзата околу пред военото разузнавање е главна вест и во Британија. Минатата недела, виш судија кој ја водеше истрагата, објави извештај што ја обвини Би Би Си за грешки во известувањето по ова прашање. Станува збор за извештај на Би Би Си во кој владата на Блер беше обвинета за намерно дотерување на разузнавачките податоци во однос на заканата што ја претставувало ирачкото оружје за масовно уништување.