Линкови за пристапност

Источна Европа - незабележана алијанса?  - 2004-01-30


Полскиот претседател Александар Квашњевски дојде во Вашингтон на 27 јануари, како прв странски лидер во посета на Велата Куќа во 2004-тата, а претседателот Буш го прими како стар пријател:„Го запознав овој човек со текот на годините. Тој е лидер. Тој остава белег на европскиот континент преку своето лидерство“, кажа шретседателот Буш.

Но, полскиот претседател не дојде во Вашингтон само да го потврди пријателството. Меѓу првите нешта на неговиот дневен ред беше значителното зголемување на американската воена помош, деловни договори за реконструкцијата на Ирак, и влез во САД без визи за полските граѓани. Она што тој го постигна за време на посетата беше помалку од очекуваното од Полјаците. Американците ветија 66 милиони долари директна воена помош наместо бараните 300 милиони. Американците исто така јасно кажаа дека барањето за ослободување од визниот-режим не е реално, иако би можела да се олесни процедурата на процесирање на визи.

Полските медиуми заклучија дека тоа не е доволно, посочувајќи на своите 2.500 војници во Ирак и про-американското расположение што на државата и донесе проблеми со другите држави во ЕУ. Слично незадоволство може да се почувствува и од други источно-европски држави.

Но, некои вашингтонски аналитичари не ги оправдуваат овие поплаки. Професорот Даниел Хамилтон, директор на Центарот за трансатлантски односи на Универзитетот Џонс Хопкинс, вели дека стратешкиот сојуз со САД не треба да се врзува за прашања како визи и повластени трговски односи.

„На некој начин звучи жално, ако зборуваме отворено. САД последниве 50 години навистина многу сторија за тие држави. Го поведоа процесот на проширување на НАТО по Студената војна. Американскиот Сенат го направи најголемото ветување што една држава може да го даде на друга – да ја брани во случај на напад. Нема што многу повеќе да се бара во смисла на реципроцитет“, вели господинот Хамилтон.

Некои аналитичари сугерираат дека земјите од Источна и централна Европа можеби имаат право да бараат повеќе внимание од Вашингтон, затоа што американските акции по 11 септември радикално ја променија природата на односите во сојузништвото. Не само Полјаците, туку и Бугарите, Унгарците, Латвијците, Литванците, Романците, Словаците со свои сили учествуваат во Ирак, и тоа ги ангажира нивните расположиви воени ресурси и претставува товар за нивните буџети. Анато Ливин од Фондацијата Карнеги за Меѓународен мир смета дека Американците направиле грешка што ги земале Источнноевропјаните здраво за готово, сметајќи на нивната благодарност за победата во Студената војна и за проширувањето на НАТО: „Мислам дека Вашингтон заборава дека кога НАТо се прошируваше, членството во Алијансата изгледаше бесплатно. Но, со ирачката војна и клучната улога на НАТО во Авганистан, со можност за нови војни во иднина на Блискиот Исток, влегувањето во НАТО не изгледа веќе така евтино, и тоа е нешто што не ја радува Централна Европа“.

Дека трошоците стануваат фактор за загриженост за државите од Источна Европа, се согласува и професорот Џон Мицгил од Универзитетот Колумбија во Њујорк: „Не би бил изненаден, кога ќе дојде време за дефинирање на армиските буџети во Варшава, Будимпешта, Букурешт и Прага, владите добро да поразмислат колкави се трошоците заради нивното пријателство со САД“.

Анатол Ливин од Карнеги фондацијата смета дека овие земји треба да го прават тоа што Британците го нарекуваат триангулација или балансирање на американските и интересите на ЕУ во нивната надворешна политика:

„Тоа, се разбира не значи определба за француската визија на Европа, а уште помалку определба за француското раководство. Но ако се зборува за балансирање, влијание и нагодување, тогаш јасно е дека треба да имате што е можно повеќе карти во рацете. И мене ми се чини дека Централноевропјаните сега се во слаба позиција зашто многу од картите ги фрлија предвремено“, вели господинот Ливин.

Засега се чини дека државите од многу фалената Нова Европа сакаат само да бидат забележани, да бидат третирани како сериозни партнери и повнимателно да бидат сослушани од Вашингтон. Аналитичарите веруваат дека во блиска иднина нема да се сврти расположението во овие земји против Америка, но нова генерација доаѓа на сцената, а таа генерација не се сеќава на Студената војна и многу помалку ја идеализира Америка. Ерата на безусловно поддржување на САД привршува и аналитичарите велат дека можеби новата обединета Европа во иднина ќе создаде тешкотии за Америка.

XS
SM
MD
LG