Линкови за пристапност

Најнови вести, 28 февруари - 2004-01-27


Ирак - експлозии

Американската армија соопшти дека тројца американски војници загинале во бомбашки напад западно од Багдад, а во близина на главниот штаб на коалицијата бил пронајдена неексплодирана автомобил-бомба. Воени експерти за експлозив ја деактивираат бомбата, што била откриена близу една од портите на таканаречената зелена зона, каде што се наоѓаат просториите на американската армија и цивилните канцеларии. Неколку часа претходно, американски воен конвој бил погоден во градот Калдија по што уследила силна експлозија. На друга локација во Ирак, американската армија соопшти дека војниците убиле тројца Ирачани во акција против една група што ги напаѓала коалиционите сили.

Ирак - оружје

Претседателот Буш кажа дека им верува на американските разузнавачки агенции и покрај обвинувањата за погрешни проценки на ирачките програми за оружје пред војната. Господинот Буш денеска на новинарите им изјави дека има “голема доверба“ во американската разузнавачка заедница. Тој додаде дека, врз основа на разунавачките податоци пред и по инвазијата на Ирак минатата година, тој не се сомневал дека ирачкиот лидер Садам Хуссеин бил “опасна и се поголема закана“ за САД. Вчера, поранешниот главен американски инспектор за оружје во Ирак, Дејвид Кеј, ги обвини американските разузнавачки агенции дека не признавале оти Садам Хусеин престанал да се обидува да произведе големи количества на хемиски и биолошки агенси по Заливската војна во 1991 година.

Пауел во Русија

Американскиот државен секретар Колин Пауел вели дека Вашингтон не се обидува да ја обиколи Русија со нови воени бази, додека тој вложува напори да ја намали загриженоста на Москва околу плановите на САД за користење такви бази во земјите од поранешниот Варшавски пакт. Г-динот Пауел за московското радио Ехо денеска изјави дека САД имаат намера да изградат мали, привремени воени објекти со цел американските сили да можат брзо да реагираат на кризите во Централна Азија и Блискиот Исток. Секретарот Пауел рече дека бројот на американските трупи во Европа ќе се намали. Тој истакна и дека САД не планираат да имаат постојано воено присуство во Грузија. Според г-динот Пауел, Вашингтон е подготвен да помогне во финансирањето на повлекувањето на преостанатите руски трупи од Грузија. Секретарот Пауел ја привршува дводневната посета на Русија.

САД – партиски избори

Денеска во федералната држава Њу Хемпшир ќе се одржат партиските избори за претседателски кандидат од редовите на Демократската партија. Победникот на предизборите во оваа држава се очекува да има поголеми шанси за успех и во другите држави. Жителите на Њу Хемпшир избираат меѓу седумте кандидати од Демократската партија. Неодамнешните испитувања на јавното мислење индицираат дека сенаторот од Масачусетс, Џон Кери е фаворит на овие избори, со околу 12 поени пред поранешнито гувернер на Вермонт, Хауард Дин.

Иран – избори

Спикерот на иранскиот парламент вели дека е постигната согласност која може да стави крај на политичката криза околу дисквалификувањето на кандидатите за парламентарните избори закажани во февруари. Согласноста била постигната за време на состанокот меѓу иранскиот врховен лидер Ајатолахот Али Каменеи и реформистичкиот претседател Мохамед Катами. Г-динот Катами за државната новинска агенција изјави дека сега очекува парламентарните избори закажани за 20-ти февруари да се одржат во, како што ја нарече, здрава, слободна и натпреварувачка средина. Спикерот на парламентот изјави и дека назначена е Комисија составена од независни владини министри со цел решавање на кризата. Политичката криза започна на почетокот на овој месец, кога конзервативниот Заштитнички совет, дисквалификуваше преку три илјади кандидати за овие избори.

Израел - Палестинци

Египетскиот министер за надворешни работи го повика палестинскиот лидер Јасер Арафат да ги обнови разговорите со милитантите за запирање на нападите врз Израелци, како суштински чекор кон обнова на меѓународната мапа кон мирот. Ова барање, министерот Ахмет Махер и шефот на египетското разузнавање Омар Сулејман денеска го упатиле за време на средбата со г-динот Арафат во Рамалах. Во меѓувреме, израелски официјални лица ги демантираа изваштаите дека премиерот Ариел шарон побарал од еврејските доселеници да дозволат растурање на седум одвоени населби на Западниот брег и Појасот Газа, како дел од израелскиот план.

Пакистан – нуклеарно оружје

Извештаите од Пакистан говорат дека владината истрага за наводна продажба на технологија за нуклеарно оружје на Иран и други земји е сведена на седум лица. Од нив три се воени офицери, а четворица се научници, меѓу кои е и таткото на пакистанската атомска бомба Абдул Кадир Кан. Портапролот на Министерството за надворешни работи Масуд Кан вели дека седумтемина се наоѓаат под интензивна истрага, а за еден или двајца се смета дека тоа го сториле од лакомост и преголеми амбиции. Г-динот Кан вели дека се очекува истрагата да биде завршена пред муслиманскиот празник Еид ал Адха што започнува следната недела

Номинации за Оскар

Филмот "The Lord of the Rings – The Return of the King" доби 11 номинации за наградата Оскар, вклучувајќи ја наградата за најдобар филм и најдобра режија. Бил Мареј, Дајен Китон, Шон Пен и Чарлиз Терон се само некои од актерите номинирани за оваа престижна награда која се доделува по 76-ти пат. Номинациите за Оскарот беа соопштени денеска во Беверли Хилс, Калифорнија, а церемонијата на неговото доделување ќе се одржи на 29-ти февруари.

XS
SM
MD
LG