Турција е загрижена дека курдската популација во Ирак би можела да наметне контрола врз северниот ирачки регион богат со нафта, и да ги подгрее надежите за независност кај курдското население во Турција.
Говорејќи пред независниот Совет за надворешни работи во Њујорк, премиерот Ердоган рече дека се противи на курдска автономија во северен Ирак, истакнувајќи дека етничките федерации се штетни за демократската политичка структура.
“Во демократиите ова не се здрави приоди и тие не одат во прилог на создавање на здрава политичка структура и ќе го доведат Ирак во многу полоша ситуација во иднина, кажа господинот Ердоган. Турскиот премиер го повтори своето барање за нов пратеник кој ќе посредува во постигнувањето на мировен план за ставање крај на 30-годишната поделба на Кипар. Тој ги критикуваше тековните преговори за повторно обединување на овој медитерански остров, кој од 1974 година е поделен на северен Кипар - кој е под турска окупација и на јужен, под контрола на Кипарските Грци.
Г-динот Ердоган сака што побрзо да види придвижување на овој процес напред, бидејќи реунификацијата би го забрзала процесот на островот за приклучување кон ЕУ. Кипар треба да и се приклучи на ЕУ на 1 мај годинава, но доколку тој и натаму остане поделен, во Унијата ќе биде примен само јужниот дел што го контролираат Кипарските Грци.
Премиерот Ердоган во своето излагање пред Советот за надворешни односи рече дека Турција има улога на миротворец во регионот на Централна Азија.
“Невозможно е да се дефинира светската геополитика во 21 век во смисла на конвенционална политика. Во предвид треба да се земат и други елементи како што се политичките и социјалните вредности, интеракцијата меѓу општествата, идентитетот и културната хармонија. Турција не се ограничува себе си само на нејзиниот национален интерес, туку пред се спроведува про-активна надворешна политика чија цел е да се придонесе за регионален и глобален мир и стабилност“, изјави турскиот премиер.
Турција се наоѓа под зголемен притисок за решавање на поделбата на Кипар, каде се уште се распоредени околу 40.000 трупи и таа е единствената земја која го признава отцепениот северен дел на островот.