Линкови за пристапност

Нови жртви од птичји грип во Азија  - 2004-01-27


Кинеската државна агенција јави дека од птичјиот грип изумреле стотици патки во јужниот регион. Претходно Лаос потврди дека е пронајден вирусот кај птици, но двете земји тврдат дека од оваа болест нема човечки жртви.

Директорот на Светската здравствена организација за Азија, Шигеру Оми, кажа дека во Виетнам е потврден осми случај на заразеност кај луѓе од болеста. Во Ханој тој изјави дека агенцијата на ОН очекува нови случаи во Виетнам.

Над 10 азиски земји, од Јужна Кореја до Пакистан пријавија појава на птичјиот грип кај живината. Само во Тајланд и Виетнам има заразени луѓе. Досега починале осуммина, меѓу кои и едно шестгодишно момче во Тајланд. Сите жртви биле во контакт со заболени птици.

Портпаролот на тајландското министерство за здравство Нитаја Махапол кажа дека момчето било едно од трите случаи што биле откриени во земјата.

“Третото лице, што е третиот случај вчера потврден, почина. Тој почина околу 10 часот утрово. Ова е втората жртва од трите потврдени случаи“, изјави госпоѓа Нитаја.

Низ целиот регион се издвојуваат милиони кокошки и друга живина на фармите во обид да се спречи ширењето на вирусот. Многу земји забранија увоз на пилешко месо од земјите каде што се појави оваа болест.

Научниците велат дека вирусот може да се промени и да се пренесува од човек на човек. Кумара Реи е директор во Светската здравствена организација за заразни болести и нивна контрола, во Њу Делхи.

“Се подготвуваме за најлошото... ако овој птичји грип размени генетски материјал со вирусот на грип кај човекот може да резултира со голема епидемија затоа што ќе биде можно пренесување од човек на човек“, вели господинот Реи.

Земјите како Сингапур и Австралија, каде што нема птичји грип, ги зајакнаа мерките за заштита на нивната индустрија со пилешко месо. Австралија користи кучиња и рентгентски зраци за да спречи увоз на пилешки производи од заразените области.

По неколку недели негирање дека во земјата се шири птичји грип, тајландската Влада се подготвува утре да се сретне со здравствените работници од десетина земји заради планирање стратегија за борба против вирусот.

XS
SM
MD
LG