Линкови за пристапност

Доделени годинешните филмски награди “Златен глобус“ - 2004-01-26


Третиот и последен дел на епскиот филм “Господар на прстените“ доби Златен глобус за најдобра драма, како и награди за филмска музика и за една песна во изведба на Ени Ленокс.

Питер Џексон беше прогласен за најдобар режисер. Тој на сцената се појави со актерите и продуцентите и му се заблагодари на авторот на ова научно-фантастично дело, Џеј Ар Толкин.

“Навистина, сакам да ја примам оваа награда и да му оддадам почит на професорот Толкин за неговата прекрасна книга“, рече Џексон.

Комедијата “Изгубено во превод“ за двајца патници кои ќе се спријателат во Токио, доби три награди. Првата за најдобар филм во категоријата мјузикли и комедии, а сценаристот и режисер Софија Копола доби Златен глобус за сценарио, додека Бил Мареј за најдобра машка улога во комедија.

Дијана Китон ја доби наградата за најдобра актерка во мјузикл и комедија за улогата во филмот “Нешто мора да се даде“, љубовна приказна за жена во средни години и остарен плејбој.

Џек Николсон, кој беше номиниран во категоријата најдобар актер во комедии и изгуби од Бил Мареј, го објави победникот во категоријата најдобра женска улога во драма.

“И Златниот глобус оди кај Чарлиз Терон, за филмот “Чудовиште“, објави Џек Николсон.

Чарлиз Терон игра проститутка која станува сериски убиец во драмата “Чудовиште“, што е базирана на вистинска приказна.

Филмот “Мистична река“, инаку трагична мистерија, доби награда за споредна улога, што му припадна на Тим Робинс и за главна улога на Шон Пен.

Режисерот на филмот Клинт Иствуд, го прими Златниот глобус во име на господинот Пен, и рече дека некои актери се познати само по едно достигнување.

“А потоа следуваат оној вид актери кои често се пренебрегнати затоа што многу често се толку добри, толку доследни во своите изведби, така што од нив често очекуваме големи работи“.

Режисерот кажа дека Шон Пен е еден од тие актери.

Рене Зелвигер ја доби наградата за најдобра споредна улога во филмот од времето на граѓанската војна “Студената планина“.

Авганистанскиот филм “Осама“ беше прогласен за најдобар странски филм. Во него се раскажува приказната за едно девојче што живеело под репресивната талебанска власт.

Актерот Мајкл Даглас ја доби почесната награда Сесил Б. Демил, за животно дело, што неговиот татко Кирк Даглас ја добил во 1968 година.

Наградите Златен глобус се доделуваат и за телевизиски остварувања, а годинава најмногу награди доби шестчасовната адаптација на театарската претстава на Тони Кушнер, “Ангели во Америка“. Тоа е приказна за кризата со СИДА и доби пет награди.

Наградите Златен глобус ги доделуваат околу 90 новинари кои известуваат од Холивуд. Тие се сметаат за добар индикатор за добитниците на Оскар, кои се поважни награди во филмската индустрија. Гласачите за Оскарите повеќе сакаат драми отколку комедии, така што најголем фаворит е „Господарот на прстените: Враќањето на кралот“.

Номинациите за Оскар ќе бидат објавени утре, а доделувањето на овие престижни филмски награди ќе се одржи во февруари.

XS
SM
MD
LG