Линкови за пристапност

vesti 23 - 2004-01-23


Ирак

Главното шиитско муслиманско свештенство во Ирак денеска повика на запирање на демонстрациите против планот поддржан од САД за формирање привремена ирачка влада, барем додека ОН не утврдат дали се можни предвремени избори. Се очекува следната недела генералниот секретар на ОН Кофи Анан да соопшти дали ќе испрати тим кој ќе ја испитува можноста за непосредни избори. Американските претставници изјавуваат дека не можат да се одржат фер избори пред планираниот трансфер на власта кон крајот на јуни. Американскиот план предвидува индиректен процес на избирање на привремената влада. Ајатолахот Али ал Систани вели дека овој план е неприфатлив.

Халибуртон

Компанијата Халибуртон отпушти двајца работници за незаконско присвојување на шест милиони долари, како процент од договорите на компанијата финансирани од американската влада за обнова на Ирак.

Компанијата го информирала Пентагон за овој случај на корупција по спроведената интерна истрага, која покажала дека во замена за овие пари, бил склучен поддоговор, со кој извршувањето на работите му биле доделени на некој кувајтски соработник. Халибуртон соопштува дека нема да толерира корупција. Инаку, компанијата веќе се наоѓа под лупа по обвиненијата за намерно зголемување на цените за испораката на гориво до Ирак, што ја финансира американската Влада.

Анан – Економски форум

Генералниот секретар на ОН Кофи Анан ги повика лидерите во светот да го насочат вниманието на прашањата за итен економски развој, истакнувајќи дека тие се засенети од конфликтот во Ирак и глобалната војна против тероризмот.

Неговите коментари на третиот ден од Светскиот економски форум денеска во Давос, Швајцарија беа непосредно пред повикот од американскиот главен правобранител Џон Ешкрофт до целата меѓународна заедница за елиминирање на тероризмот и воспоставување слобода во Ирак. Господинот Анан рече дека безбедносните прашања го свртеле вниманието од другите критични прашања, како сиромаштијата, здравството и образованието.

Северна Кореја

Влијателниот јапонски дневен весник Маиничи тврди дека Кина наскоро би можела да ја обнови својата таканаречена „шатл дипломатија“ во обид за организирање на нова рунда разговори за севернокорејската нуклеарна програма.

Весникот пишува дека Пекинг ќе испрати дипломати во шесте земји учеснички на разговорите по празнувањето на Лунарната нова година овој месец. Од август минатата година, кога се одржа првата рунда на разговорите, која заврши без напредок, Кина неуспешно се обидува да обезбеди нивно продолжение. Јапонскиот министер за надворешни работи Јорико Кавагучи денеска во Токио изјави дека во однос на Северна Кореја има неколку позитивни чекори. Таа истакна дека Пјонгјанг се чини оти ги подгрева шансите за продолжување на посебни дипломатски разговори со Јапонија. Двете земји никогаш немале официјални дипломатски односи.

Пакистан – Нуклеарна програма

Пакистанскиот претседател Первез Мушараф изјави дека надлежните органи водат истрага за тоа дали главните научници во оваа земја, на странски земји им продавале тајни поврзани со нуклеарните програми за сопствена финансиска корист.

За телевизиската мрежа Си-Ен-Ен господинот Мушараф денеска изјави дека Владата планира да презмеме чекори против оние поединци за кои ќе се докаже дека биле непријатели на државата. Тој исто така кажа дека нема докази оти владата или некои воени претставници биле вмешани во можните трансфери на технологија за оружје. Пакистан неодамна испрати истражители во Либија и Иран за проверка на сомневањата.

Индија - Кашмир

Индискиот премиер Атал Бехари Ваџпај денеска се сретна со сепаратистичките лидери од спорниот регион на Кашимир.

Еден од лидерите, Умар Фарук на индиските новинари пред разговорите им изјавил дека делегацијата планира да изрази целосна поддршка на напорите за постигнување мир меѓу Индија и Пакистан. На разговорите во Њу Делхи учествуваат петмина умерени лидери од Конференцијата на сите партии Хуриет, што претставува збир на кашмирските сепаратистички и исламски милитантни групи. Вчера, кашмирските лидери се сретнаа со индискиот заменик-премиер. Двете страни издадоа заедничко соопштение во кое го осудуваат насилството и повикуваат на постепено решавање на спорот околу Кашмир. Следната рунда разговори е планирана за март.

XS
SM
MD
LG