Научниците од Европската вселенска агенција велат дека леталото Марс Експрес открило мраз на јужниот пол на планетата. Ова, како што објаснува астрофизичарот Жан-Пјер Бибринг, само ја разгорува желбата на овие научници да дознаат дали некогаш на Марс постоел живот.
„Следниот чекор, се разбира, е да се оди таму, да се донесат примероци на Земјата, бидејќи можно е таму да има фосили“, вели господинот Бибринг.
Леталото Марс Експрес користело посебна направа наречена спектрометар за да ја анализира видливата и ултра-виолетовата светлина со цел да се потврди постоењето на ледената површина.
Добиените резултати ги потврдуваат тестирањата направени од американското летало Марс Одисеј во март 2002-та, кое открило водород во пределот на јужниот пол на планетата со помош на спектрометар кој ги анализирал гама зраците. Водородот се соединува со кислородот за да формира вода, неопходна за живот.
Во меѓувреме, Европската вселенска агенција вели дека и натаму очекува да добие повратни сигнали од залутаното вселенско возило Бигл Два. Ова роботско возило слетало на површината на Марс на 25-ти декември, но нема испратено радиосигнал дека слетувањето било безбедно. Бигл Два е мала подвижна лабараторија од британско производство која беше креирана за барање знаци за живот на Марс.