Линкови за пристапност

Кандидатите за претседателска номинација на Демократската партија ја одржаа последната дебата пред изборите во Њу Хемпшир  - 2004-01-23


Тонот на оваа последна дебата пред клучните партиски предизбори во вторник го даде променливата среќа за двајца кандидати – сенаторот од Масачусетс Џон Кери и поранешниот гувернер на Вермонт, Хаурад Дин.

Неколку нови испитувања на јавното мислење покажуваат дека сенаторот Кери, победникот на партиското гласање во Ајова, сега води за 5 до 10 проценти во Њу Хемпшир пред господинот Дин, кој тука беше во водство со месеци.

На вчерашната дебата немаше големи судири меѓу кандидатите. Сите седуммина се трудеа колку што е можно повеќе да личат на претседатели и нападите ги насочија на претседателот Буш наместо меѓусебно.

Новиот претпоставен фаворит во изборната трка, сенаторот Кери, изложи големи разлики со претседателот во врска со насоките на американската надворешна политика.

„Тој води најарогантна, најнеразумна, најбезобзирна и најидеолошка надворешна политика во модерната историја на нашата земја“, истакна Кери.

Од своја страна, Хауард Дин го напушти агресивниот тон што го покажуваше во претходните дебати и повеќе се фокусираше на политиката отколку на личности.

Тој исто така изгледаше оти е свесен за загриженоста што ја предизвика со неговиот истап пред поддржувачите во Ајова откако разочарувачки заврши на третото место по партиското гласање во понеделникот.

„Не сум совршена личност и сметам дека многумина добро се забавуваа на моја сметка заради викањето во Ајова и тоа е оправдано. Но она што можам да ви кажам е дека не се шегувам за она што сакам да го кажам. Го правам она во што верувам и сметам дека е важно претседателот на САД да е подготвен да застане зад она што треба, а не зад она што е популарно“, вели господинот Дин.

Говорот на Дин стана материјал за вечерните телевизиски емисии на комичарите и за шегите на Интернет, а многу политички аналитичари сметаат дека ќе им наштети на неговите надежи за Белата куќа.

Во интервјутоа за телевизијата Еј-Би-Си што беше емитувано по дебатата, господинот Дин призна дека неговиот говор во Ајова не бил многу „претседателски“.

На дебатата сите седум кандидати се обидуваа да докажат дека би биле најсилниот противник на претседателот Буш на изборите во ноември.

Според последните испитувања на јавното мислење, пензионираниот генерал Весли Кларк во Њу Хемпшир е цврсто на третата позиција.

Другите учесници во телевизиската дебатата беа сенаторот од Северна Каролина, Џон Едвардс, кој се обидува да го подобри својот изнеандувачки силен пласман на втората позиција во Ајова, потоа сенаторот од Конетикат, Џозеф Либерман и конгресменот од Охајо, Денис Кучинич.

По Њу Хемпшир, следниот голем испит ќе бидат партиските избори во Јужна Каролина што ќе се одржат на 3-ти февруари.

XS
SM
MD
LG