Линкови за пристапност

Објавени снимени разговори на американските претседатели - 2004-01-21


Гласот на претседателот Џон Кенеди им е познат на многу Американци кои не живееле во негово време:

“Драги мои Американци, не прашувајте што може државата да стори за вас, прашајте што вие можете да сторите за својата држава...“

Тоа е говорот на Џон Кенеди на неговата инаугурација за претседател во 1961 година. Претседателот Кенеди сосема поинаку звучи во разговорот по телефон за расната сегрегација на Универзитетот во Мисисипи со сенаторот Рос Барнет во 1962 година. Тие расправаат за обидите на црниот студент Џејмс Мередит да оди на училиште:

“Слушај, јас не го пратив на универзитет, но од друга страна, според Уставот, морам да ја спроведам наредбата ...“

Џон Продос вели дека од средината на 70-те се знаело дека неколку американски престедатели ги снимале средбите и разговорите во Белата куќа, често и без да знаат оние кои учествувале во нив. Но господинот Продос не сфатил колку овие снимки може да откријат се додека не ги споредил со пишаните документи од истите настани.

Речиси пет илјади часови снимен материјал на претседателите се чуваат во разни архиви во САД. Џон Продос ги собрал најважните од овие снимки во новата книга и компакт диск со наслов “Ленти од Белата куќа“. Тие почнуваат од 1940 и на нив го има претседателот Френклин Рузвелт како разговара со лидерите во Конгресот за се позатегнатите односи со Јапонија:

“Премиерот на Јапонија само што дал интервју, кое можеби е вистина, а можеби не е, затоа што попладнево можат да го демантираат, а во него вели дека Јапонија ќе го смета за акт на војна доколку имаме намера да помогнеме на кој било непријател на Јапонија“.

Џон Продос вели дека Франклин Рузвелт ја започна практиката на претседателите да ги снимаат средбите:

“Тој имал обичај да ги вика новинарите во Овалната соба на прес конференции. Рузвелт не сакал да присуствува неговиот секретар на средбите затоа што сметал дека ако некој фаќа белешки за овие прес-конференции тоа би можело да има поинаков ефект на она што е кажано. Истовремено, се плашел да не биде погрешно цитиран и не сакал новинарите да јават нешто што тој не го кажал. Затоа Рузвелт решил да се снима тоа што ќе биде кажано“, вели Продос.

Подоцна претседателите продолжиле со тоа и често се откривале како вешти политичари, кои маневрирале и манипулирале зад сцената. Тоа особено се однесувало на Линдон Џонсон, кого Џон Продос го опишува како мајстор за телефонски разговори.

Снимките ја откриваат и хуманата страна на американските претседатели:

“Во јавноста претседателите ги покажуваат своите најдобри страни, а на овие снимки можете да ги видите како се шегуваат, навредуваат и користат непристојни зборови“, вели Продос.

Снимањето на разговорите за претседателот Ричард Никсон беше катастрофално. На 17 јуни 1972 година, пет лица беа уапсени за упад во седиштето на Демократската партија во зградата Вотергејт во Вашингтон. Упадот излезе дека бил дел од нелегалната разузнавачка операција во име на кампањата за повторен избор на Ричард Никсон. Господинот Никсон ги отфрлаше обвинувањата дека претходно знаел за ваквите упади. Во овој телефонски разговор, тој зборува со неговиот шеф на кабинет Халдеман, кого само што го отпуштил за да спречи други последици од скандалот:

“Ова е тешка работа Боб, за тебе, за Џон, за останатите, но нека е проклето, нема никогаш да зборувам за овој случај Вотергејт, никогаш, никогаш, никогаш“.

Но скандалот не исчезна и претседателот Буш во август 1974 година поднесе оставка, откако беа објавени снимки со неговите обиди да го скрие скандалот. Овие снимки преставуваат врв на праксата за снимање на претседателите и почеток на нов процес. Аудио-технологијата му отстапила место на видеото:

“Кога станува збор за камери и видео ленти, се промени целиот процес на снимање и стана многу постилизиран, на начин како што е телевизијата наспроти реалноста“, вели господинот Продос.

Последните снимки во збирката се од администрацијата на Реган и релиси сите се од видео и јавни настапи. Џон Продос смета дека еволуцијата од аудио на видео ставила крај на она што го нарекува момент на подарок на историја за американскиот народ. Снимките од Белата куќа нудат прозорец за тоа како се врши таа работа и како се создавала историја во Вашингтон за време на некои од најклучните децении на 20-от век.

XS
SM
MD
LG