Линкови за пристапност

Тупурковски предупредува - Македонија е во опасна економска криза - 2004-01-21


Господинот Тупурковски истакна дека Македонија се соочува со економска криза и дека ситуацијата се повеќе се влошува. Тој посочи дека доколку не се обрне внимание на економијата, ќе биде доведен во прашање опстанокот на Македонија. „Цврсто верувам дека нема да успееме како држава, доколку не сме длабоко инволвирани во економскиот развој“, истакна г-динот Тупурковски. Оттука зависи и демократскиот процес во земјата, вели тој, владеењето на законот, заштитата на човековите права, а се разбира и меѓуетничките односи.

А што се однесува до нив, тој смета дека позицијата на Албанците во Македонија можела да биде подобрена многу порано од оттпочнувањето на војната во 2001-та.

„Мораше да се направи многу повеќе за да не дојде до воениот конфликт, бидејќи сега тој е прифатен на едната страна, албанската, како триумф, а како пораз на македонската. Но, повеќе од сигурно е дека мора да бараме перспектива во повеќенационалноста, повеќекултурноста и повеќерелигиозноста на Република Македонија“, истакна лидерот на Демократската алтернатива.

Господинот Тупурковски има негативен став за иницијативата за основање на трет државен универзитет во Македонија.

„Треба да бидеме правна држава. Во овој случај треба да се задоволат сите критериуми на законот, бидејќи станува збор за високобразовна институција. Апсолутно се залагам за правото на образование на мајчин јазик, вклучувајќи ги сите нивоа, што значи и на албански јазик, и отсекогаш сум се залагал. Но, не поддржувам политизација на образованието“, вели тој.

Кога станува збор за решавање на статусот на Косово, господинот Тупурковски верува дека тоа ќе се случи преку еклузивен политички процес, а не преку серии на нови војни.

„Македонија меѓутоа објективно е загрозена во овој случај, бидејќи во овој момент – во моментов не е битно зошто и колку таа самата е одговорна – не го знае ставот на меѓународната заедница по прашање на гаранциите за сопствениот територијален интегритет. Ние треба да имаме активна улога. Треба да побараме, да воспоставиме и да добиеме високи меѓународни гаранции за непроменливост на македонската граница“, вели Тупурковски.

Како последица од независноста на Косово, посочи Тупурковски, можно е да има опасност од реализирање на идејата за Голема Албанија, а со тоа и потенцијална реалност за дезинтеграција на Македонија.

XS
SM
MD
LG