Линкови за пристапност

Претседателот Буш ќе му се обрати на Конгресот и на американската јавност за состојбата во државата - 2004-01-20


Господинот Буш ќе говори во американскиот Конгрес, на специјална заедничка седница на двата дома. Говорот во живо ќе биде пренесуван на телевизиите на национално ниво, со што американскиот претседател има можност пред најширок аудиториум да го образложи своето тврдење дека САД се попросперитетни и посигурни под негово раководство.

Се очекува тој да најави политика со која даночното скратување што тој го воведе ќе стане перманентно, како и да стави акцент на позитивните економски сигнали во последно време, како и успесите во Ирак, меѓу што и фаќањето на Садам Хусеин.

Давајќи назнака каков ќе биде тонот на неговиот денешен говор, претседателот Буш во редовното неделно радио-обраќање во саботата истакна дека САД ги исполниле приоритетите, како дома, така и во странство.

Неговиот говор доаѓа непосредно по прелиминарните избори за демократски кандидат за претседателските избори, што се одржаа во федералната држава Ајова. Претставници на Белата куќа веруваат дека говорот ќе му овозможи на претседателот да делува навистина претседателски, односно како човек на вистинското место, во време кога демократите се борат меѓу себе за демократската претседателска номинација.

Меѓутоа, демократите и натаму го обвинуваат претседателот Буш за стагнација во отворањето нови работни места, и покрај неодамнешното подобрување на економските индикатори. Многумина демократи спорат и во врска со Ирак, каде бројот на загинати Американски војници достигна петстотини.

XS
SM
MD
LG