Претседателот Џорџ В. Буш ја соопшти новата визија на американската администрација за истражување на вселената. Планот повикува на испраќање човечки екипаж на Месечината, не подоцна од 2020-та година. Тоа би било прво враќање на Месеченита, од 1972-та година - наваму.
„Крајната цел“, вели претседателот Буш, „е да се овозможи идно истражување на Марс и вселената. Го оттпочнавме патувањето во вселената поради тоа што желбата за истражување и разбирање е дел од нашиот карактер. Таа мисија резултираше со конкретни поволности што на безброј начини ги подобрија нашите животи“.
Тука се вбројуваат медицински технологии, како на пример процедурите да се добијат јасни фотографии на тумори или симптоми на други абнормалии, потоа развивањето на машини за дијализа на бубрези и пејсмејкери што можат да се програмираат за да вршат набљудување на промените во срцевите отчукувања.
Сателитите создадени со помош на вселенските програми овозможуваат да се испаќаат и примаат телевизиските, телефонски и Интернет сигнали од кој и да е дел од светот. „И покрај овие успеси“, вели претседателот Буш, останува уште многу да се истражи и да се научи“.
„Речиси четвртина век Америка нема креирано ново вселенско возило за да го усоврши човечкото истражување во вселената. Време е Америка да ги преземе наредните чекори“, рече тој.
САД, рече претседателот Буш, ќе ги поканат и другите земји да ги споделат предизвиците и можностите на оваа нова ера на откритија.
„Визијата која денеска ја претставувам, е патување, а не трка. Ги повикувам и другите земји да ни се придружат на ова патување, во духот на соработка и пријателство“, порача претседателот Буш.
Роботските мисии ќе служат како водичи. Сепак, како што кажа претседателот Буш, треба со свои раце да видиме, да истражиме и да допреме, а само човечките битија се способни да се адаптираат на неизбежните неизвесности што произлегуваат од патувањето во вселената.