Линкови за пристапност

Сенаторот Кери победник во Ајова-конгресменот Гепхарт се повлекува од трката - 2004-01-20


Се славеше со шамшањско во изборниот штаб на Џон Кери тука во Де Моан, додека сенаторот со малку засипнат глас од држење говори изминатите недели, им се заблагодари на поддржувачите во Ајова.

„Ајова, те сакам. Те сакам. Благодарам Ајова што станав “Кери повратникот““, рече тој.

Тоа беше изненадувачка победа за сенаторот од Масачусетс кој се пред само еден месец навидум заостануваше во натпреварот меѓу демократските кандидати за претседателските избори во ноември годинава. Но, откако изминатите неколку недели се концентрираше на федералната држава Ајова, од каде започнуваат прелиминарните избори, сенаторот Кери започна се подобро да се котира во истражувањата на јавното мислење, додека истовремено почна да опаѓа рејтингот на Хауард Дин.

Кога се појави пред поддржувачите во Ајова откако беа објавени резултатите, господинот Дин, со поддршка од сенаторот на Ајова, Том Харкин, порача дека има намера да продолжи да се бори: „Не само што ќе одиме во Њу Хемпшир, Том Харкин, ќе одиме и во Јужна Каролина и Оклахома и Аризона и Северна Дакота и Њу Мексико. Одиме во Калифорнија и Тексас и Њујорк и одиме во Јужна Дакота и Орегон и Вашингтон и Мичиген, а потоа ќе одиме во Вашингтон Ди Си за да ја преземеме Белата куќа“, порача г-динот Дин.

Во Ајова својата позиција ја зацврсти и сенаторот Џон Едвардс од Северна Каролина, кого многумина гласачи го сметаат за освежување на политичката сцена. Тој заврши на второто место, а гласовите очигледно ги освои најповеќе со тоа што водеше позитивна кампања, воздржувајќи се од напади врз неговите противници. Сенаторот ова го истакна кога излезе пред подржувачите, откако беа објавени резултатите.

„Народот на Ајова вечерва потврди дека верува во позитивна, возвишена визија за промена на Америка“, истакна г-динот Едвардс.

Најголем губитник во Ајова беше конгресменот од Мисури, Ричард Гепарт, кој тука победи на партиските избори во 1988 година и имаше силна организација во оваа федерална држава, особено меѓу работничките синдикати. Господинот Гепарт најави дека ќе го поддржи кандидатот што ќе биде избран за претседателски претендент од Демократската партија и дека ќе стори се за да помогне тој кандидат да го порази претседателот Буш во ноември.

„Мојата кампања за борба за работниот народ можеби завршува вечерва, но нашата борба никогаш нема да заврши. Ќе ја вратиме Белата куќа во 2004 затоа што мораме“, истакна тој.

Изброната трка продолжува во североисточната федерална држава Њу Хемпшир, каде прелиминарните партиски избори треба да се одржат на 27 јануари. Таму ќе се натпреваруваат и двајцата кандидати кои решија да ја прескокнат Ајова - генералот во пензија Весли Кларк и сенаторот од Конетикат Џозеф Либерман.

По Њу Хемпшир ќе се одржат партиски избори во многу други држави, а изборниот процес ќе заврши во јули на конвенцијата во Бостон. Во меѓувреме, и републиканците не седат со скрстени раце. Иако веќе имаат кандидат, претседателот Буш, тие продолжуваат со собирање финансиски средства, а според истражувањата на јавното мислење кој и да биде избран за претседателски кандидат на Демократската партија, го очекува тешка борба против актуелниот американски претседател.

XS
SM
MD
LG