Линкови за пристапност

Профили на претседателски кандидати: Хауард Дин  - 2004-01-19


Честопати е тешко да се знае кога отпочнало одредено политичко движење или кога добива на значење одредена агресивна претседателска кампања.

Но, во случајот на Хауард Дин, клопчето навистина започна да се одмотува пред околу една година, кога не толку познатиот поранешен гувернер на Вермонт, започна да се издвојува од останатите Демократи-кандидати за претседател.

„Јас сум Хауард Дин и тука сум да го претставувам демократското крило на Демократската партија“, вели Дин.

Во обид да го сврти вниманието кон себе, односно да го одврати од некои многу попознати имиња од него, Г-динот Дин презеде мошне ризичен потез за тоа време, целосно спротиставувајќи се на инвазијата на Ирак по наредба на претседателот Буш.

Набрзо по насочувањето на критиката кон претседателот, поранешниот гувернер брзо се префрли на критикување на другите демократски претседателски кандидати кои ја поддржаа резолуцијата во Конгресот со која беше дадено зелено светло за употреба на воена сила во Ирак.

„Она што сакам да знам е зошто раководството на Демократската партија го поддржува претседателскиот унилатерален напад врз Ирак?“, вели господинот Дин. Определбата на Хауард Дин да се издвои себеси од останатите кандидати е она што им се допаѓа на либералните гласачи како Бил Храски од Њу Хемшир.

„Чекор по чекор, Буш презеде акции кои навистина ме вознемирија. И потоа, се појави човек кој има малку политичко искуство, освен што беше гувернер на Вермонт, и почна да кажува работи што ми допаѓаат и планирам да го поддржам овој човек“, истакнува Храски.

Г-динот Дин има 55 години. Роден е во Њујорк, станал лекар и подоцна се преселил во Вермонт каде бил законодавец и заменик гувернер. Професијата лекар ја напуштил откако станал гувернер на Вермонт во 1991 и на функцијата се задржа се до 2003-та.

Како гувернер на оваа федерална држава, Дин бил конзервативен за прашања поврзани со буџетот, но либерален за социјални прашања. Така на пример, во Вермонт потпиша закон со кој паровите од ист пол, добиваат исти бенефиции како и брачните парови.

Меѓутоа, она што го издвои од останатите кандидати е осудата на политиката на претседателот Буш во однос на Ирак, како и ветувањето дека ќе соработува со другите држави доколку биде избран за претседател.

„Едно од ветувањата што ќе го дадам е дека ќе ги вратам честа, достоинството и почитувањето кои оваа земја ги заслужува во останатиот дел на светот, преку претставување на надворешната политика која во принцип се базира на соработка, а не на конфронтација“, изјавува господинот Дин.

Но поранешниот гувернер на Вермонт има и свои недостатоци. Некои Демократи стравуваат дека тој ќе биде слаб кандидат за претседателот Буш за време на изборите во ноември, бидејќи гласачите можно е да го сметаат за премногу либерален за социјални прашања, а од друга страна премногу неискусен за прашања од надворешната политика.

Но и покрај загриженоста, Хаурд Дин го користеше Интернетот за да создаде импесивна група поддржувачи и спонзори што придонесе тој да биде фаворит за претседателски кандидат меѓу Демократите.

Одлуката на поранешниот потпретседател Ал Гор да го поддржи г-динот Дин исто така придонесе за засилување на успехот на неговата кампања.

„Ќе донесеме надеж во Америка, работни места во Америка, мир во Америка. Ќе донесеме гордост во Демократската партија. За тоа ми е потребна вашата помош. Ајде да го сториме тоа! Ајде да дојдеме до тоа. Ајде да ја добиеме битката за Белата куќа во јануари 2004-та“, вели Дин.

Хауард Дин води во испитувањето на јавното мислење во државите Ајова и Њу Хемшир и доколку таму извојува убедливи победи, ќе има големи шанси да ја добие номинацијата за претседтел од редовите на Демократската партија, што ќе биде објавено на конвенцијата планирана за јули, во Бостон.

XS
SM
MD
LG