Линкови за пристапност

Со првичните избори во Ајова започнува процесот на номинирање на претседателски кандидат од Демократската партија  - 2004-01-19


Првиот главен тест при гласањето во оваа кампања за избор на претседател на САД, ќе се случи вечерва по локално американско време, кога, според проценките, 100.000 демократи ќе се соберат во училиштата и општинските центри низ Ајова и ќе се изјаснат кого претпочитаат меѓу осумте претседателски кандидати од својата партија.

Најновите испитувања на јавното мислење покажуваат дека трката меѓу демократите во Ајова е мошне неизвесна, со четворица кандидати кои се борат за првото место – Џон Кери, Хауард Дин, Дик Гепхарт и Џон Едвардс. Сенаторот од Масачусетс, Џон Кери, на гласачите им порача:

„Доколку ме поддржите на 2-ри ноември, ќе го испратиме Џорџ Буш назад во Тексас и ќе кажеме – „Задачата е исполнета“. Ајде да ја завршиме работата!“

Сенаторот од Северна Каролина, Џон Едвардс, кој се искачи при врвот на само неколку дена пред изборите во Ајова, на собирот во местото Давенпорт побара поддршка од јавноста:

„Во оваа кампања ќе ја вратиме моќта на демократијата. Јас, заедно со вас, можам да го сторам тоа. Заедно ќе го сториме тоа!“

Поранешниот гувернер на Вермонт, Хауард Дин, прави се што е во негова можност за да се задржи на врвот како демократски кандидат со најголема поддршка од јавноста, место што според анкетите му припаѓаше се до прелиминарните избори во Ајова. За време на неговата вчерашна посета на државата Џорџија, тој беше јавно поддржан од поранешниот американски претседател Џими Картер за неговиот енергичен став против војната во Ирак. Дин на гласачите им порача:

„Имате моќ повторно да ја вратите Белата куќа на обичните Американци и токму тоа е она што ќе го направиме. Ви благодарам“.

Четвртиот Демократ при врвот е конгресменот од Мисури, Ричард Гепхард. Тој смета на поддршката од трговските синдикати.

„Не ми е грижа дали ќе станам претседател или не. Не ми треба тоа работно место. Но, на Америка и е потребен лидер кои доаѓа од животното искуство на американскиот народ и кој може да ја врши оваа работа“, вели господинот Гепхард.

По Ајова, кампањата се сели во државата Њу Хемшир, каде, според најновите анкети, поддршка добива и пензионираниот генерал Весли Кларк, кој исто како и сенаторот од Конектикат, Џозеф Либерман реши да го пропишти гласањето во Ајова и да се фокусира на прелиминарните избори во Њу Хемшир на 27-ми јануари.

Останатите двајца демократски кандидати во трката за Белата куќа се конгресменот од Охајо, Денис Кучиниќ и активистот за граѓански права, Ал Шарптон.

XS
SM
MD
LG